• недела, 22 декември 2024

Инсталациите на СДСМ и ДУИ во судството и обвинителството се жилави, борбата ќе биде долга и исцрпувачка, вели Мицкоски

Инсталациите на СДСМ и ДУИ во судството и обвинителството се жилави, борбата ќе биде долга и исцрпувачка, вели Мицкоски

Скопје, 11 ноември 2024 (МИА) – Борбата против инсталациите на СДСМ и ДУИ во судството и обвинителството ќе биде „долга и исцрпувачка, бидејќи тие инсталации се жилави“, вели премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека на крајот ќе бидат поразени и граѓаните ќе добијат правда.

Борбата, како што рече Мицкоски, не очекува да биде лесна и во обвинителството и во судството, затоа што „нивната цел да дадат се од себе за да го уништат обвинителството и судството за да можат нивните вистински стопани, тие малкумина обвинители и судии да ги заштитат, добива епски размери“.

- Честопати, во изминатите речиси пет месеци како сме Влада се случува некој од обвинителите да имаат стомачни проблеми, главоболки, температура и т.н. во моментот кога ќе треба да се преземе акција против криминалците кои беа симбол на едно минато седумгодишно владеење, кое не треба да ни се повтори, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Тутунскиот комбинат АД Прилеп.  

Според Мицкоски, овие инсталации се мали и станува збор за малкумина и во обвинителството и во судството. 

- Малкумина се во обвинителството и во судството кои се уште се слепи послушници на претходната влада од СДСМ и ДУИ, но можам да ви кажам дека ќе победиме. На крај, тие ќе бидат поразени, а македонските граѓани ќе добијат правда, онаква каква што заслужуваат, а не неправда од страна на малкумина октроирани послушници на претходната влада на СДСМ и ДУИ, кои во последен момент секогаш добиваат стомачни напади, вируси, главоболка и температура кога треба да се дејствува, изјави Мицкоски. аа/бак/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан