• среда, 28 август 2024

Индиската полиција употреби солзавец и водени топови против демонстрантите во Калкута

Индиската полиција употреби солзавец и водени топови против демонстрантите во Калкута

Њу Делхи, 27 август 2024 (МИА) - Индиската полиција употреби солзавец и водени топови за да ги растера стотици демонстранти во источниот град Калкута, кои бараа оставка од првиот министер на Западен Бенгал, Мамата Банерџи,  по силувањето и убиството на млада лекарка.

Полицијата интервенираше откако студентите почнаа да ги уриваат железните барикади долж трасата на нивниот марш до зградата на државната влада на Западен Бенгал. Властите претходно протестот го прогласија за незаконски.

Лекарите ширум Индија стапија во штрајк, одржаа протести, маршеви и одбија да примаат пациенти кои не се итни случаи по силувањето и убиството на 31-годишна лекарка на 9 август во главниот град на индиската сојузна држава Западен Бенгал, Калкута.

Сторителот, кој волонтираше во болницата, е уапсен и е обвинет, но семејството на жртвата тврди дека имало групно силување и оти биле вмешани повеќе луѓе.

Прекинот на работата на лекарите погоди илјадници пациенти ширум Индија. Тие бараат построги закони за да се заштитат од насилство, вклучително и секој напад врз дежурните лекари да биде прекршок за обвинетите односно да нема можност за привремено ослободување додека трае судењето. ми/

фото: ЕПА

 

Остани поврзан