• понеделник, 23 декември 2024

Инвестициски форум во Каиро: ЕУ потпиша договор со Египет за европско финансирање во вредност од една милијарда евра 

Инвестициски форум во Каиро: ЕУ потпиша договор со Египет за европско финансирање во вредност од една милијарда евра 

Каиро, 29 јуни 2024 (МИА) - Европската Унија и Египет потпишаа договор во Каиро кој предвидува дека блокот ќе инвестира една милијарда евра во арапската земја во рамки на стратешко партнерство, пренесе ДПА.

„Денес, Египет и Европа се поблиски од кога и да е, ова навистина е соработка од која сите добиваме“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, обраќајќи се на учесниците на инвестициската конференција во египетската престолнина, на која беше склучен договорот за обезбедување на средствата.

Сумата од финансискиот договор е првиот дел од поголем пакет вреден 7,4 милијарди евра, објавен од претседателката на ЕК во март. Парите ќе бидат вложени во сектори како производство на еколошки чиста енергија, индустрија и прехранбена безбедност, соопшти Комисијата.

Договорот беше потпишан од комесарот за економски прашања, Валдис Домбровскис, и египетската министерка за меѓународна соработка, Ранија ал Машат.

Заедничката инвестициска конференција, на која е потпишан договорот, има за цел да поттикне заеднички деловни проекти меѓу европскиот бизнис и Египет.

- Средствата меѓу другото ќе ги поттикнат и реформите во Египет, рече Фон дер Лајен. - А тие реформи, за возврат, ќе помогнат во подобрување на деловната клима и привлекување нови инвестиции кои ќе создадат уште повеќе работни места во египетската економија.

- Оваа конференција е првиот практичен чекор во подигање на нашите односи на ново ниво и ја отсликува посветеноста на ЕУ и Египет да го изодат патот од фазата на ветувања до фазата на практични чекори, рече египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси во говорот на конференцијата во Каиро.

- Свикувањето на оваа конференција доаѓа во многу деликатен момент, во услови на серија меѓународни и регионални кризи. Египет се докажа како доверлив партнер во справувањето со заедничките предизвици на начин кој ја гарантира безбедноста и стабилноста, рече тој.

Во рамки на форумот, европските компании потпишаа меморандуми за соработка со своите египетски партнери, кои можат да доведат до реализирање на потенцијални зделки во вредност од над 40 милијарди евра, а во контекст на напорите на Египет да ја стабилизира својата економија и напорите за запирање на миграциските текови од Африка кон Европа, при што Египет е една од главните транзитни точки.

Египет, исто така, потпиша четири финансиски договори поддржани од ЕУ, во вкупна вредност од 299 милиони евра во неколку области, вклучувајќи вработување и развој на приватниот сектор, соопшти денеска египетската влада. ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан