• четврток, 05 декември 2024

Илјадници Јужнокорејци на протести против претседателот Јун Сук-јеол со барање за негова оставка

Илјадници Јужнокорејци на протести против претседателот Јун Сук-јеол со барање за негова оставка

Сеул, 4 декември 2024 (МИА) - Илјадници Јужнокорејци денеска излегоа на мирен протест во Сеул, барајќи оставка од конзервативниот претседател Јун Сук-јеол, кој вчера предизвика криза со прогласувањето воена состојба. Претседателот тврдеше дека мерката е потребна за да ја елиминира опозицијата со помош на армијата, но по седум часа ја повлече одлуката под притисок на јавноста.

Дури и неговата „Партија на народната сила“ се дистанцираше од одлуката за воведување воена состојба.

Опозициските партии денеска поднеле барање за импичмент на претседателот во парламентот, а гласањето може да се одржи уште в петок, изјавија претставници на шест опозициски партии на заедничка прес-конференција.

Конфедерацијата на синдикати на Кореја, најголемата синдикална организација со 1,2 милиони членови, повика на неограничен генерален штрајк сè до оставката на Јун, оценувајќи дека претседателот самиот „потпиша крај на својата власт“.

Јун вчера неочекувано прогласи воена состојба, обвинувајќи ја опозицијата дека го злоупотребува парламентот кој е под нејзина контрола, дека симпатизира со Северна Кореја и дека со антидржавни активности ја парализира владата.

Парламентот, во кој доминира опозицијата, синоќа ја поништи неговата одлука за воведување воена состојба, по што претседателот, под притисок на пратениците и демонстрантите, изјави дека ја повлекува одлуката и дека војската ќе се повлече од улиците.

Поради тешкотии со донесувањето на државниот буџет за 2025 година, претседателот го правдуваше воведувањето воена состојба како начин за „елиминација на елементи непријателски настроени кон државата“ кои го блокираат „буџетот неопходен за функционирање на земјата“. Јун додаде дека неговата цел била заштита на „либерална Јужна Кореја од заканите на севернокорејските комунистички сили“, за кои смета дека се поддржани од опозицијата.

Воената состојба ќе значеше забрана на политички активности, затворање на парламентот и цензура на медиумите.

НАТО и ЕУ денеска го поздравија укинувањето на краткотрајната воена состојба, нагласувајќи дека тоа покажува дека Јужна Кореја се придржува кон принципите на владеење на правото.

Последен пат воена состојба во Јужна Кореја беше воведена во 1980 година, кога демонстрации на стотици илјади луѓе против воен удар беа крваво задушени. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан