• среда, 18 декември 2024

Илјадници луѓе протестираа во Словачка против владата на Фицо

Илјадници луѓе протестираа во Словачка против владата на Фицо

Братислава, 18 ноември 2024 (МИА) – Илјадници луѓе во Словачка синоќа излегоа на улиците за да протестираат против владата предводена од премиерот Роберт Фицо, а најголемите демонстрации се одржаа во Братислава.

Опозициските медиуми јавија дека на митингот во главниот град учествувале меѓу 17.000 и 18.000 луѓе.

Протестите, организирани од две либерални и една конзервативна опозициска партија, беа одржани по повод 35-годишнината од Кадифената револуција против комунистичкиот режим на тогашна Чехословачка.

Кадифената револуција почна со насилно задушување на мирниот студентски протест на 17 ноември 1989 година, што доведе до масовни продемократски демонстрации кои доведоа до промена на режимот.

Денот се слави како Ден на борбата за слобода и демократија и во Словачка и во Чешка, двете независни држави на кои Чехословачка мирно се подели во 1993 година.

Опозициските лидери ја обвинуваат владата, предводена од Фицо, составена од две социјалдемократски партии и десничарска популистичка партија, дека покажува авторитарни тенденции.

Демонстрантите предупредуваат дека демократските слободи на Словачка се загрозени, повикувајќи на акција за одбрана на слободата и демократијата.

Во Братислава, демонстрантите истакнаа натписи: „Владата ни ја одзема демократијата и слободата. За возврат, ни нуди одмазда и омраза“.

За време на митингот Михал Симецка, водач на најголемата либерална опозициска партија Прогресивна Словачка, го критикуваше раководството на Фицо.

- Слободата и демократијата не се гаранција за добро владеење. Во спротивно Роберт Фицо немаше да владее со нас веќе 14 години, рече Симецка.

Фицо, кој победи на минатогодишните парламентарни избори, го отслужува својот четврти мандат како премиер по кратко отсуство од функцијата. јт/

Фото: Х

Остани поврзан