Илјадници домаќинства во Квинсленд останаа без струја по преминувањето на циклонот „Коџи“
- Илјадници луѓе во австралиската сојузна држава Квинсленд останаа без електрична енергија откако тропски циклон го погоди североисточниот брег на земјата, носејќи поројни дождови и силни ветрови.
Бризбејн, 11 јануари 2026 (МИА) – Илјадници луѓе во австралиската сојузна држава Квинсленд останаа без електрична енергија откако тропски циклон го погоди североисточниот брег на земјата, носејќи поројни дождови и силни ветрови.
Тропскиот циклон од прва категорија „Коџи“ стигна до копното меѓу градовите Ер и Бовен, на околу 500 километри северно од Бризбејн, по што ослабна во тропска депресија, соопшти австралиската национална метеоролошка служба.
Бурата, со удари на ветер до 95 километри на час, ги погоди крајбрежните градови, вклучувајќи го и Макај – туристички центар и порта кон Големиот корален гребен.
Премиерот на Квинсленд, Дејвид Крисафули, изјави дека околу 15.000 имоти останале без струја, а невремето предизвикало штети на објекти и чамци, како и затворање на главните патишта. Тој додаде дека во некои делови паднале до 200 милиметри дожд на метар квадратен, а врнежите ќе продолжат и во следните 48 часа.
Претходно, австралискиот премиер Ентони Албанезе ги опиша ненадејните поплави како „огромен ризик“ за крајбрежјето на Квинсленд. Ова невреме доаѓа по силниот циклон „Алфред“ од четврта категорија, кој во март 2025 година остави стотици илјади луѓе без електрична енергија. ссм/
фото: ДПА