• петок, 17 мај 2024

Илиевски на средба со граѓани од населбата Гоце Делчев во Куманово

Илиевски на средба со граѓани од населбата Гоце Делчев во Куманово
Куманово, 20 октомври 2021 (МИА) - Плаќање возачки испит на младите, „Мој еколог“ и микропроекти за населбата Гоце Делчев вети кандидатот за градоначалник од СДСМ за Куманово Оливер Илиевски на денешната средба со граѓаните од населбата. Тој соопшти дека ова е прва од серијата прес-конференции за, како што рече, најдобрата понуда, капиталните проекти кои се однесуваат на модернизирање на градот и урбанизација на секоја од населбите поединечно. - Оваа е само една од почетните точки на системското решение за уредување на Куманово, кое во консултација со граѓаните и експертската јавност, како наш носечки проект го нудиме – „Мој еколог“. Куманово за четири години ќе биде чист и зелен град, со паркови и урбани катчиња во секоја населба. Зелената агенда е на сила, а менаџмент по квартови е нашиот нов концепт за одржување на зелените површини, рече Илиевски. Реализацијата на ова решение ќе се одвива во пет фази, по пет населби секоја година, Гоце Делчев, во Центар, Трета Македонска ударна бригада, Бајрам Шабани и Тоде Мендол, 11 Октомври и 11 Ноември. - До крајот на оваа година Куманово да ја започне својата трансформација. Ние знаеме како и умееме како. Заедно со тим на еколози и архитекти ја исцртуваме секоја населба, која ќе биде поделена на квартови. Ќе има вработени еколози кои ќе се грижат за чистење и одржување на зелените површини. Секој слободен квадрат ќе биде модерно уреден, раззеленет и континуирано одржуван. Со ова системско решение го напуштаме старото кампањско одржување и негрижата за животната средина и се насочуваме кон зелен град и едно поубаво место за живеење. Нашата идеја е – за секој квадрат нов бетон, двојно повеќе зеленило. Оваа зелена агенда е дел од нашата макро програма за целиот град, кажа Илиевски. Тој најави нов проект, општината ќе плаќа за полагање возачки испит за 1.000 млади луѓе кои наполниле 18 годиникако дел од пристапот за субвенционирање на младите. Според него, тоа подразбира полагање подготвителни тестови за едукативно усовршување на знаењето за сообраќајот и сообраќајните правила и прописи на младите, со пробни тестови со реални прашања од локални улици и патишта и крстосници во опфат на Општина Куманово, изработени од експерти по сообраќај од Куманово. - Со конкретни мерки ќе ги задржуваме младите да останат во Куманово. Од друга страна, со микроменаџирање ќе ги решаваме и проблемите во секоја населба, градејќи ја најдобрата инфраструктура. Тука сме заедно со граѓаните од Гоце Делчев и повторувам дека Програмата „Најдоброто за Куманово“ е ваша програма, јас како ваш градоначалник сум тука да ви ја презентирам и да ја спроведам заедно со Советот на Општината, рече Илиевски. За населбата најави реконструкција на улиците „Лесковачка“, „Никшиќка“, „Тоде Думба“, „Кошеви“, „Титова Митровачка“, најави изградба на тротоари, хортикултурно уредување, урбано катче, детско катче и мултифункционално игралиште. - Сето тоа го нудиме како програма. Имаме однапред утврдени план и стратегија, со финансиска конструкција за сите проекти. Секој денар пари од граѓаните ќе знаете како е искористен. Знам колку ви значи да знаете дека работиме одговорно и транспарентно. Наше е само да аплицираме во соодветното министерство и трајно да го решиме проблемот. Во текот на наредниот период секоја ваша сугестија ќе биде прифатена, сè она што сметате дека е потребно за вашата населба ќе биде исполнето. Да продолжиме со проекти кои носат напредок за Куманово и европски начин на живот, нагласи Илиевски. ам/мд/

Остани поврзан