• четврток, 26 март 2026

Израел упати остро предупредување до Иран по нападите врз Хутите

Израел упати остро предупредување до Иран по нападите врз Хутите

Тел Авив, 6 мај 2025 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац денеска упатија предупредување до Иран, откако израелското воено воздухопловство по вторпат за два дена изврши воздушни напади врз цели на Хутите во Јемен. Хутите претходно извршија ракетен напад врз меѓународниот аеродром Бен Гурион кај Тел Авив.

- Изборот и тајмингот на нападите се наменети да ги казнат Хутите, но и да испратат порака до Иран, без чија долгорочна поддршка и одобрение тие не би можеле да го извршат злосторничкиот напад, изјави Нетанјаху обраќајќи се од бункерот на воздухопловните сили во воената база Кирја, заедно со Кац, пренесе „Тајмс оф Израел“.

Нетанјаху повтори дека ќе има повеќе удари како одговор на нападот од страна на Хутите и потсети на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дадена пред месец и половина, дека секој што ќе го нападне Израел ќе сноси последици. - Ова го повторувам и денес – ќе ги сметаме одговорни сите што ќе не нападнат, нагласи премиерот на Израел.

Министерот Кац изјави дека денешниот напад резултирал со уништување на аеродромот во Сана. - Кој и да нè нападне - ќе го нападнеме седумкратно. Тоа е и пораката до Уран, главата на октоподот.  Вие носите директна одговорност за секој напад на пипците на Хутите врз Израел, а вие ќе ги сносите и сите последици“, рече Кац. ссм/

фото: архива

Остани поврзан