• петок, 05 декември 2025

Израел започнува со мобилизирање на десетици илјади резервисти за есенската офанзива во Газа

Израел започнува со мобилизирање на десетици илјади резервисти за есенската офанзива во Газа

Тел Авив, 2 септември 2025 (МИА) - Израел денеска започна со мобилизација на десетици илјади резервисти како дел од својот план за проширување на офанзивата во Газа, јавија американските медиуми, забележувајќи дека овој потег предизвика внатрешно противење и меѓународна осуда.

Почетокот на септемвриската кампања за регрутирање, најавена минатиот месец, доаѓа во време кога копнените и воздушните сили на Израел напредуваат, бркајќи сè поголем број цели во северниот и централниот дел од Појасот Газа. Нападите се насочени кон областите во Зејтун и Шуџаја, населби во југозападниот дел на градот Газа кои израелските сили постојано ги напаѓаа за време на војната што започна на 7 октомври 2023 година.

Изгледот на Зејтун, некогаш најголемата населба во градот Газа, со пазари, училишта и болници, се промени во последните месеци, со пусти улици и разурнати згради, пренесуваат американските медиуми, додавајќи дека израелската армија сега ја означила областа како „опасна воена зона“.

Според Израел, градот Газа е политички и воен бастион на радикалната палестинска група Хамас и сè уште има широка мрежа од подземни тунели и покрај бројните израелски операции таму.

Најмалку 60.000 израелски резервисти во фази ќе бидат повикани во армијата, објави ИДФ минатиот месец. Во исто време, ќе биде продолжен рокот на служба на уште 20.000 резервни војници. Во Израел, чие население е помалку од 10 милиони, повеќето Евреи се обврзани да служат воена служба, останувајќи во резерва најмалку уште 10 години, објаснуваат американските медиуми.

Меѓутоа, секојдневно се зголемуваат критиките во Израел за војната во Појасот Газа, а голем број организации ги повикуваат резервистите да не одговараат на регрутациите. Од тие причини, во моментов е нејасно колку луѓе ќе се појават за актуелната кампања.

Од друга страна, во градот Газа се зголемуваат смртните случаи од неухранетост, наведува Министерството за здравство на Хамас, минатиот месец тие биле 185, најмногу во последните месеци.

Според најновите информации од властите во Газа, од почетокот на војната загинале 63.557 Палестинци, а 160.660 луѓе се повредени.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан