• понеделник, 23 декември 2024

Израелците се согласија да ја разгледаат загриженоста на САД за офанзивата во Рафа, планирани се нови разговори

Израелците се согласија да ја разгледаат загриженоста на САД за офанзивата во Рафа, планирани се нови разговори

Вашингтон, 2 април 2024 (МИА) - Израелските власти се согласија да ја земат предвид загриженоста на САД за планираната офанзива во Рафа, се вели во заедничката изјава објавена по синоќешната онлајн средба на израелски и американски официјални претставници за алтернативни начини за искоренување на милитантите на Хамас во јужниот дел на Газа.

Дваиполчасовната средба предводена од највисоките функционери на САД и Израел заврши со план за последователни разговори со физичко присуство веќе следната недела, се наведува во соопштението. 

Претседателот на САД Џо Бајден претходно го повика Израел да не започнува офанзива од големи размери во Рафа за да избегне дополнителни палестински цивилни жртви во Газа, каде што палестинските здравствени власти соопштија дека повеќе од 32.000 луѓе се убиени во израелските напади.

Американските власти, загрижени поради продлабочувањето на хуманитарната криза во Газа, го повикаа Израел да преземе понасочен пристап кон нападите врз милитантите на Хамас без да започне голема копнена офанзива.

Во заедничкото соопштение се наведува дека двете страни имале конструктивен ангажман околу Рафа и се согласиле дека споделуваат иста цел, а тоа е Хамас да биде поразен таму.

„Американската страна ја изрази својата загриженост во врска со различните правци на дејствување во Рафа. Израелската страна се согласи да ги земе предвид овие грижи и да продолжи со разговорите на експертско ниво“, се вели во соопштението.

Официјален претставник на САД рече дека американската страна, предводена од советникот за национална безбедност Џејк Саливан, неговиот главен заменик Џон Фајнер и пратеникот за Блискиот Исток Брет Мекгурк, презентирале алтернативни предлози за кои рекле дека ќе ги заштитат цивилите во Рафа.

Израел ќе одлучи што ќе направи, рече официјалниот претставник.

Израелски официјален претставник во Вашингтон рече дека меѓу израелските учесници биле министерот за стратешки прашања Рон Дермер и советникот за национална безбедност Цачи Ханегби. Тие се доверливи лица на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кои требаше да присуствуваат на состанокот во Вашингтон минатата недела што израелскиот премиер го откажа. ссм/

фото: архива

 

 

Остани поврзан