• петок, 22 ноември 2024

Измамените при купопродажбата на станови за кои обелодени МИА ќе бидат обесштетени

Измамените при купопродажбата на станови за кои обелодени МИА ќе бидат обесштетени
Скопје, 1 септември 2021 (МИА) – Оштетените граѓани во случајот со измамата при купопродажба на станови за која обелодени МИА ќе си ги добијат парите назад, откако на денешното рочиште, кое што се одржа во Основниот кривичен суд - Скопје, обвинетиот агент за недвижности изјави дека до 20-ти септември ќе обесштети дел од сумата, а до крајот на октомври ќе го врати целиот износ од околу 48 илјади евра со кои оштетил 10 граѓани. Оштетените го прифатија барањето на обвинетиот да му дадат уште една шанса, да ги исплати во ветениот рок, со што судот ја закажа следната расправа за 20 септември, крајниот рок кога треба да врати дел од парите. - Дали си свесен што ти се прави од страна на оштетените, дали имаш доблест да ги погледнеш во очи. Дали си свесен кои стресови им нанесе, го праша обвинетиот судијката Александра Ристеска, која дополни дека доколку во дадениот рок не се исполни ветувањето, веднаш ќе ја донесе пресудата. Денешното одложено рочиште беше насрочено три месец по Обвиненителниот предлог за агентот за недвижности поради сторено кривично дело – Измама, кој следеше веднаш по укажувањето од МИА дека оштетените во видео изјава за нашиот медиум ги споделија своите сведоштва, а по претходно обелоденување на случајот, континуирано следење и иницирање одговори за истиот. Првично насроченото рочиште не се одржа бидејќи обвинетиот не ја примил поканата, додека неговиот бранител до судот доставил писмен поднесок со кое го откажува полномошното на обвинетиот. Обвинетиот, 41 годишен скопјанец, се товари за Кривично дело – Измама, бидејќи, според обвинението, во периодот од 6 мај 2020 година до 5 март 2021 година, во Скопје, со умисла извршил десет временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, а со намера за себе да прибави противправна имотна корист. Според обвинението, тој довел и држел во заблуда десет лица – оштетени, на кои лажно им прикажувал факти дека како агент за недвижности во своја Агенција за недвижности е овластен од име на  сопствениците на станови да ги продава нивните станови на други лица. Обвинетиот ги огласувал становите и ги покажувал за продажба, со што ги навел оштетените да сторат штета на својот имот од поголема вредност. Со четворица од оштетените, обвинетиот склучувал Договори за капар за станови во градба и наплатувал различни износи, но, до Договори за купопродажба не дошло. Со шестмина оштетени, како што велат, обвинетиот склучувал Договори за капар и наплатувал различни износи за капарот, а потоа склучувал и Договори за купопродажба, во кои без знаење на вистинските сопственици се потпишувал како „продавач“.​ Исто како што МИА своевремено објави дека процесот на договарање за купување на становите траел сѐ до моментот кога купопродажниот договор требало да се однесе на нотар, при што агентот, тогаш, настапувал со разни оправдувања дека не е во можност да се сретне со купувачите, поради боледување, отсуство на сопственикот, и слично. МИА го обелодени и следеше случајот од пријавата за „Измама“, која беше доставена до Министерството за внатрешни работи на 23 март 2021, до оформувањето на предмет, лишувањето од слобода на агентот како и постапката која ја поведе Обвинителството и определените мерки за претпазливост па сè до Обвинителниот предлог кој доведе до денешното судење. Застапник на обвинението е обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска а случајот го води судијата Александра Ристеска. ар/бк/      

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан