• четврток, 13 јуни 2024

Изложба на Панде Петровски во Делчево

Изложба на Панде Петровски во Делчево

Делчево, 12 јуни 2024 (МИА) - Во организација на Здружението на роднокрајни автори „Пијанечки глас", денеска во Делчево беше отворена изложба на познатиот македонски ликовен уметник Панде Петровски. Изложбата е во чест на јубилејот 65 години творештво и 85 години живот, а на неа беа претставени дела од неговото богато творештво, со акцент на македонската селска архитектура.

-Од неговиот разновиден и богат опус ви ги претставуваме мотивите од нашите села, каде што авторот создава антологиски дела користејќи ретка туш техника. Секој негов цртеж со својата оригиналност носи приказна. Не само како документ за богатото градителско наследство, туку и за богатиот традиција која го одржувала нашиот народ, истакна на отворањето на изложбата Христина Деолска, претседателка на делчевското здружение, која напомена дека неговите дела се одраз на едно непроценливо богатство кое е непосреден сведок за традицијата, фолклорот, минатото, и пред се на нашите корени.

Изрази благодарност до Фестивалот „Јаков од Камена Река" на чија иницијатива се реализира изложбата.

-Посебно ми е драго што имаме и ученици на изложбата, но и наставници и јас се надевам дека некогаш некој од овие ваши деца ќе отвораат изложба. Во честите разговори со Панде тој знае да каже јас сум таму каде се ноите слики, значи тој е тука со нас и е еден од ретките уметници кој слика на лице место. Една од неговите слики е работена со мотиви од делчевско, истакна Миле Ѓорѓијоски, директор на фестивалот Јаков од Камена Река.

Панде Петровски е роден 1939 година во Битола.

Член е на ДЛУМ. Добитник е на многу награди, а има околу триесетина самостојни изложби, и десетина групни во земјата и странство. Неговата изложба во Делчево ќе биде отворена во наредните 10 дена. вс/сст/


Фото: МИА

Остани поврзан