• недела, 22 декември 2024

Изложба на Киро Урдин во Брисел

Изложба на Киро Урдин во Брисел

Брисел, 31 август 2023 (МИА) – Во галеријата „Марк Минјау“ во центарот на Брисел вечерва беше отворена изложба на реномираниот македонски сликар, визуелен и мултимедијален уметник и филмски режисер Киро Урдин на која се претставени некои од неговите понови дела.

Презентацијата на делата на Урдин во Брисел доаѓа по неговите изложби во Музејот „Ел Еспасио 23“ и во Центарот за културни уметности на африканското наследство (АХЦАЦ) во Мајами и во галеријата „Константин Бранкузи“ во Палатата на Парламентот во Букурешт.

Киро Урдин е роден 1945 година во Струмица. Во 1969 година дипломирал на Правниот факултет во Белград, по што работи како новинар. Во 1973 година заминува за Париз каде две години студира на Академијата за пластични уметности, а потоа во 1977 година и дипломира режија на Париската филмска академија.

Од 1982 до 1984 година работи како независен сликар во Франција, САД, Јапонија, Швајцарија, Шведска, Мексико, Белгија, Порторико, Филипини и Тајван.

Професионално почнува да слика од 1985-та, а веќе од следната година почнува со изложување на своите дела. Меѓу останатите градови изложувал и во Јокохама, Лос Анџелес, Лондон, Стокхолм, Братислава...

Во 1988 година, Урдин заминува во САД, каде во Њујорк и Холивуд режира четири филма.

Негово најпознато дело е „Планетариум“, масло на платно на површина од 48 квадратни метри, кое е резултат на неговото двегодишното патување од 1996 година низ целиот свет на локации како Ѕидот на плачот и Гробот на Исус Христос во Ерусалим, Њујорк, Берлинскиот ѕид, скопско Нерези, Охрид, Брисел, Кноке-ле-Зауте, Бриж, Париз, Рим, Помпеја, Пиза, Лондон, Стоунхенџ, Атина и Ртот Сунио во Грција, Суецкиот канал, Нил и Пирамидите во Гиза во Египет, Масаи Мара во Кенија, Мачу Пикчу, Куско, Бангкок, Забранетиот град во Пекинг, Кинескиот ѕид, Токио, Камакура, Мон Сен Мишел, Нуенен и Ајндховен. Сликата е изработена така што Урдин ја доработува на секоја нова локација што ја посетувал.

За изработката на ова дело е снимен и документарен филм со истиот наслов „Планетариум“ во режија на Иван Митевски, кој е добитник на наградата за најдобар документарен филм на Меѓународниот независен филмски фестивал во Њујорк во 2005 година. Заедно со филмот е објавена и монографија со фотографии направени за време на двегодишното патување на Урдин

Денес сликата се наоѓа во Музејот на уметноста во Братислава.

На иницијатива на кореографката Деби Вилсон, „Планетариум“ беше презентиран и преку танц, за кој музиката ја компонираше Венко Серафимов. Премиерата на танцот „Планетариум“ се одржа во Танцовиот театар во Торонто, а потоа тој беше изведен и во Охрид, Хераклеја, Скопје, Чикаго, Анкара, како и во Женева на одбележување на 60-годишнината од формирањето на Обединетите нации.

Во 1997 година Урдин ја претставуваше земјава во Солун, која таа година беше културната престолнина на Европа.

Покрај со сликарство, Урдин се занимава и со режија и пишување, при што досега има режирано осум филма и објавено 15 книги со афоризми и една поетска збирка. сп/бак/

Остани поврзан