• петок, 23 август 2024

Изложба на дела од ликовниот уметник Драган Најденовски - Најдо во Музеј галерија Кавадарци

Изложба на дела од ликовниот уметник Драган Најденовски - Најдо во Музеј галерија Кавадарци

Кавадарци, 23 август 2024 (МИА) - Во рамките на меѓународната Ликовна колонија „Михајлово - Кавадарци 2024", што ја организира Здружението Ликовна колонија Михајлово - Кавадарци во соработка со Дом на култура ,,Иван Мазов - Климе" и со финансиска поддршка на Министерството за култура, градоначалникот и локалната самоуправа, синоќа во Музеј галерија Кавадарци беше отворена изложба на дела од ликовниот уметник Драган Најденовски - Најдо.

Ликовната колонија се одржува по 28. пат, присутни се триесетина ликовни уметници од земјава и странство. 

- Како и секоја година, традиоционално продолжува соработката со Музеј галерија за организирање изложба во склоп на Ликовната колонија. Тие секогаш биле и остануваат одлични домаќини и соработници, рече директорката на Домот на култура, Јулијана Туриманџова. 

Таа појасни дека станува збор за ретроспективна изложба на Најденовски. Делата се масло на платно, молив на хартија. Имал над 40 самостојни и многу групни изложби. Учесник e нa колонии во земјата и во странство. Добитник е на награди, признанија, меѓу кои и наградата ,,4 Ноември" за уметност на Битола.

- Вечерва не славиме само еден уметник, туку и наследство кое трае повеќе од четири децении поттикнато од креативност, иновација и длабока емоционална резонанца. Делата на Драган Најденовски ја заробуваат суштината на македонската уметност, комбинирајќи симболичен реализам со апстрактни изрази, сите исполнети со поетски лиризам, кој е негов уникатен печат. Секое дело во оваа изложба раскажува приказна, заробува момент или предизвикува мисла, рече Елизабета Ристова, кустос во Музејот. 

Таа подвлече дека оваа ретроспектива е повеќе од збирка на уметнички дела и нуди ретка можност да се размислува за еволуцијата на еден уметник, кој постојано ги поместувал границите на својот занает. 

- Од неговите најрани дела до најновите креации, секое дело е прозорец кон светот каков што тој го гледа, исполнет со живописни бои, сложени детали и длабока смисла. Секое дело раскажува приказна, повикува на размислување и ги предизвикува нашите перцепции. Додека ја разгледувате оваа изложба, одвојте време да се поврзете со уметноста и да дозволите секое дело да ви проговори, откривајќи ја длабочината и различноста на уметничката визија на Драган. Без разлика дали сте долгогодишен обожавател на делото на Драган или за првпат се среќавате со него, сигурна сум дека ќе најдете нешто што длабоко ќе ве погоди, подвлече Ристова. 

Пред присутните се обрати и авторот Најденовски, како и ликовниот уметник Владимир Темков, ментор на колонијата. свд/

Фото: МИА 

Остани поврзан