• недела, 22 декември 2024

Излезна анкета: Деснопопулистичка Партија на слободата победник на изборите во Холандија 

Излезна анкета: Деснопопулистичка Партија на слободата победник на изборите во Холандија 

Брисел, 22 ноември 2023 (МИА) – Националистичката и десно популистичка Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс ќе биде убедливо најбројна политичка партија во новиот состав на холандскиот Парламент, јави РТЛ повикувајќи се резултатите од излезна анкета од денешните предвремени парламентарни избори во Холандија. 

Според оваа анкета, спроведена по нарачка на РТЛ, ПВВ ќе има 35 пратеници во новиот 150-член состав на Долниот дом на холандскиот Парламент, пред левоцентристичкиот блок на Лабуристичката партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) на Франс Тимерманс со 26, конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) на досегашниот премиер Марк Руре, која сега ја предводи Дилан Јешилѓоз-Зегериус со 23 и десничарскиот Нов социјален договор (НСЦ) на Питер Омцигт со 20 мандати. 

Гласачките места беа затворени во 21 часот и според првичните резултати излезноста била околу 70 проценти. 

Инаку, водечките партии организираа централни собири за заедничко следење на изборните резултати за нивните членови и симпатизери со партиските раководства. Така ВВД на Јешилѓоз-Зегериус организира собир во Хаг, блок на лабуристите и зелените на Тимерманс во Амстердам, Партија на слободата на Вилдерс во Шевенинген, а НСЦ на Омцигт во Еншеде. 

Од друга страна, уште пред затворањето на гласачките места, е екстремно десничарскиот Форум за демократија (ФВД) го откажа организираното следење на изборните резултати за своите членови, поради, како што беше образложено, безбедносни причини. Откажувањето на собирот следи откако во понеделникот на предизборен собир со пивско шише беше нападнат партискиот лидер Тјери Боде. Како сторител на нападот полицијата приведе еден тинејџер. 

Сепак, и покрај откажаниот настан, истакнати членови на ФВД ќе се соберат во бар во Амстердам каде ќе ги следат резултатите, но без присуство на Боде. сп/

Фото: Инстаграм

Остани поврзан