• петок, 15 ноември 2024

Изет Меџити ќе биде прв заменик претседател на Владата

Изет Меџити ќе биде прв заменик претседател на Владата

Скопје, 26 јуни 2024 (МИА) - Согласно џентлменскиот договор во владината коалиција Изет Меџити ќе биде прв вицепремиер во Владата, потврди денеска премиерот Христијан Мицкоски. 

- Според законот кој што е важечки Владата односно премиерот има заменици, а договорот којшто го имаме во рамките на коалицијата е да да има прв вицепремиер и тоа ќе биде господинот Изет Меџити. Но тоа е надвор од законот. Законот вели односно подразбира само заменици на претседателот на Владата. Тоа што досега е работено на диво и незаконски, тоа нема да биде пракса во работењето на оваа Влада. Но, да џентлменскиот договор во рамките на нашата коалиција и во рамките на нашето функционирање е таква, рече Мицкоски, кој денеска беше на ставање камен темелник на основно училиште во Драчево.  

Прв вицепремиер во минатата Влада беше Артан Груби од ДУИ, а за првпат тој беше назначен како вицепремиер во Владата на 20 август 2020 година во Владата на Зоран Заев.

Прашан за најавите за правична застапеност како замена на балансерот, Мицкоски рече дека Балансерот и препораката за неговото бришење е резултат на скрининг процесот со ЕУ и тоа е дел од заклучоците и оти треба тоа да го знаат сите граѓани.

-Сакаме ли сега да одиме или не сакаме? Ако сакаме да одиме тогаш ајде да бараме решение, да наоѓаме решение. Ако не сакаме тогаш треба да кажеме – во ред не сакаме, ние сакаме да купуваме трговски центри во центарот на Скопје итн., дуќани во центарот на Скопје, а од друга страна ќе бидеме патриоти. Јас тоа нема да го правам и немам намера. Јас сакам отворено да разговарам и да зборувам со граѓаните што можеме, што не можеме. Ако сакаме треба да најдеме начин никој да не биде оштетен, ниту еден граѓанин не смее да биде обесправен. Ние сме влада на сите граѓани. Затоа треба да најдеме решение во кое што сите ќе имаат подеднакви права, но и обврски пред законите и Уставот – сите без разлика на нивната етничка, верска, полова, политичка припадност – неприпадност, секој граѓанин мора да ги ужива правата, но има обврски, изјави Мицкоски.

Помина, нагласи Мицкоски, времето на националромантични, коишто „под знамето на национализмот и романтизмот го ограбуваа граѓанинот во Македонија“, сега, нагласи тој граѓанинот ќе биде во фокусот на нашите политики. ев/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан