Извештај: „Ало Бушавко“ со 307 дојави за проблемите на младите поврзани со ментално здравје, повреда, семејни односи и пристапност
- Вкупно 307 дојави за проблеми со ментално здравје, повреда, семејни односи и пристапност, во кои се опфатени 379 млади изминатата година, се де дел од годишниот извештај „Ало Бушавко“ на Првата детска амбасада „Меѓаши“. Десет од дојавите, како што информираа на денешната презентација на извештајот, се однесувале на мисли за одземање на сопствениот живот.
Скопје, 16 април 2024 (МИА) – Вкупно 307 дојави за проблеми со ментално здравје, повреда, семејни односи и пристапност, во кои се опфатени 379 млади изминатата година, се дел од годишниот извештај „Ало Бушавко“ на Првата детска амбасада „Меѓаши“. Десет од дојавите, како што информираа на денешната презентација на извештајот, се однесувале на мисли за одземање на сопствениот живот.
Во воведните обраќања, Клементина Добревска, координаторка на СОС телефонот, ги образложи бројките од извештајот при што информираше дека во текот на 2023 годинапо добиените дојави се остварени 619 разговори.
Според возрасната група, најмногу од дојавите се однесувале на деца на возраст од 13 до 15 години, потоа од 10 до 12 и на трето место по зачестеност на дојавите се за деца на возраст од 7 до 9 години. Возраста не е позната за 212 деца.
Според средината на живеење на јавувачите, најголемиот број од децата, или 197, живеат во урбана средина, 33 деца се опфатени со дојавите од дојавувачи кои живеат во рурална средина, непозната е средината на живеење на 149 деца кои се опфатени со дојавите. Бројот на јавувачите од руралните средини, како и во претходните години, останува многу мал во однос на бројот на јавувачите од урбаните средини.
Во однос на етничката припадност на јавувачите, 230 од вкупниот број јавувачи се Македонци, 14 Роми, а 33 јавувачи се од албанска етничка припадност. Само 2 од контактите (дојавите) се од јавувачи во останати (етнички групи) и за 26 лица не е позната етничката припадност.
Причините заради кои се обратиле на „Ало Бушавко“, пак, се однесуваат на ментално здравје, повреда, семејни односи и пристапност, а во поретки дојави има и други причини за дојава.
Во рамките на менталното здравје, најголем дел од дојавите се однесуваат на емоционална вознемиреност - проблеми со гнев, страв и вознемиреност, проблеми со расположение кои се јавуваат како последица од другите категории на проблеми пријавени на „Ало Бушавко“.
Во однос на повреда, поголем дел од дојавите се однесуваат на проблеми од категоријата на ментално/емоционално насилство, физичко насилство и занемарување (негрижа).
Во делот на семејни односи, дојавите се однесуваат на проблеми и прекршување на правата што спаѓаат во категоријата семејни односи, а во врска со пристапноста, има опфатено повеќе категории проблеми и тоа пристап до образование, основните (суштински) потреби што не им се достапни на децата и проблеми со пристап до здравствена заштита, правни услуги и социо-економски услуги.
Според извештајот, изминатата година е зголемен бројот на дојави за самоубиствени мисли и самоубиство.
Како што информираше денеска Драги Змијанац, извршен директор и основач на Прва детска амбасада во светот „Меѓаши“, изминатата година, за само два месеци имало десет дојави за самоубиство од млади.
- Нам ни беше голем предизвик како да постапиме, што да сториме. Стапивме во контакт со Комора на психолози. Но, сфативме дека за овој сериозен потфат ни се неопходни институциите. Стручните служби треба да имаат сознанија како да постапат. Министерството за здравство и Министерството за образование и наука треба сериозно да ја сфатат пораката и апелот од Првата светска амбасада „ Меѓаши“ и „Ало Бушавко“ да се впрегнат да направат протокол, упатство, како стручните служби да постапат соодветно за да не се случи да се одземе детски живот, рече тој.
Змијанац апелираше школскиот систем, освен што е образовен, да биде и воспитен и да може да детектира деца со проблеми.
На денешната промоција на извештајот, од „Меѓаши“ посочија дека менталното здравје е нарушено веќе неколку години назад, а мислите за самоубиство, според нив, се проблем на јавното здравје.
- Адолесценцијата е бурен период во смисла на различни промени, и физиолошки и хормонални. Добро е што се охрабруваат да разговараат и добро е што меѓу волонтерите на СОС телефонот има многу млади, изјави Јорданка Черепналкова Трајкоска, психолог.
Јана Николовска, зборуваше за волонтирањето во „Ало Бушавко“ при што сподели повеќе реализирани активности, додека, граѓанката Валентина Крстева, сведок на питачење, го сподели своето искуство од барање помош да го пријави случајот, при што одговор добила само од Меѓаши.
Извештајот за „Ало Бушавко“, телефонот за деца и млади при ПДАС „Меѓаши“ за 2023 година дава преглед на дојавите во периодот од 1 јануари 2023 до 31 декември 2023 година, за проблемите поврзани со правото на заштита од насилство, правото на образование и правото на пристап до други институции, за кои се обратиле јавувачите и со нив поврзаните права на детето кои биле загрозени или прекршени (остварувањето на родителското право, доделувањето старателство, остварувањето на правото на алиментација, промени во психичката состојба на децата во периоди на развод и нарушена комуникација со своите родители) како и улогата на волонтерите во работата на линијата за деца и млади. ар/ац/
Фото: МИА архива, МИА