• сабота, 21 декември 2024

Изведена музичка приказна „Петар и волкот“ за деца од основните училишта

Изведена музичка приказна „Петар и волкот“ за деца од основните училишта

Тетово, 4 октомври 2024 (МИА) - Новоформираната Национална установа Музички ансамбл во Северна Македонија со седиште во Тетово денес на големата сцена на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово го изведе „Петар и волкот“, концерт со наратив наменет за деца од основните училишта. Музичката приказна е дело на славниот руски композитор Сергеј Прокофиев, при што музичкиот дел го изведе Камерен оркестар под палката на диригентите Агона Чупи и Ангел Спироски, додека приказната ја читаше нараторот Рахим Рамадани.

- Симфониската бајка „Петар и волкот“ е интересна и хумористична приказна за храброто момче Петар кое со помош на животни и ловци се обидува да го фати лошиот волк. Секој лик во приказната е претставен со еден инструмент, кои заедно формираат весела и храбра музичка дружина. Овој едукативен концерт на уникатен начин ги запознава децата со класичната музика, со музичките инструменти, нивниот тон и можност да ги доживеат ликовите опишани преку музика. Живописниот наратив ги привлекува младите слушатели во авантура, истакнувајќи теми како што се: храброста, пријателството и важноста на критичкото размислување, информираа од Музичкиот ансамбл

Музички ансамбл денес изведе две претстави на македонски и албански јазик. ас/нд/

фото МИА 

Остани поврзан