• петок, 22 ноември 2024

Избрани најдобрите производители на вино и ракија во Виница за минатата година

Избрани најдобрите производители на вино и ракија во Виница за минатата година

Виница, 8 февруари 2024 (МИА) – Одборот на лозароовоштари од Виница, со поддршка од Локалната самоуправа, ги избра најдобрите производители на вино и ракија од општината за минатата година. Изборот е во рамки на традиционалната Лозароовоштарска вечер што се одржува повеќе од четири децении.

Производителите се натпреваруваа во конкуренција на бело и црвено вино, како и за лозова и сливова ракија, а на дегустацијата што ја изврши стручна жири комисија се оценуваше мирисот, бојата, вкусот и другите карактеристики на пријавените мостри.

-За овогодишниот избор пристигнаа шеесетина мостри во четирите категории и сите беа оценети како висококвалитетни. Првото место за производство на бело вино му припадна на Венцо Нацев, а за црвено вино на Орце Михајлов. Првонаграден за најквалитетна лозова ракија е Виктор Димитров, а во конуренција на сливова ракија за најквалитена е оценета мострата на Драги Иванов. Признанијата ќе им бидат доделени на традиционалната вечер што ќе се одржи в сабота, а како награди ќе добијат и буриња за чување на вино и ракија, истакна Кире Андреев, член на Одборот на лозароовоштари од Виница.

Организирањето на изборот на најдобри производители на вино и ракија е дел од општинските манифестации со кои се одбележува името на Виница, а целта е да се даде поддршка на семејното производство и на локалните винарии чиј број бележи подем.

Лозароовоштарска вечер во Виница ќе се одржи в сабота под покровителство на Локалната самоуправа, а со поддршка од бизнис секторот од регионот. та/дма/

фото: МИА

Остани поврзан