• петок, 12 април 2024

ИЗБОРИ 2024: Работилница за новинари на ДИК и МИА - Презентирани роковниците за претседателските и за парламентарните избори 2024

ИЗБОРИ 2024: Работилница за новинари на ДИК и МИА - Презентирани роковниците за претседателските и за парламентарните избори 2024

Скопје, 16 февруари 2024 (МИА) - Државната изборна комисија (ДИК) во соработка со Медиумската информативна агенција (МИА) денеска одржа работилница на која беа презентирани информации за изборните дејствија за Претседателските и за Парламентарните избори 2024 година. 

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, додека вториот круг на 8 мај, кога треба да се одржат и парламентарните избори. Изборната кампања за претседателските избори започнува на 4 април, а завршува на 22 април. За парламентарните избори, кампањата почнува на 18 април и ќе трае до 6 мај. Двете кампањи ќе се преклопуваат одреден временски период, а кампањата за парламентарните избори ќе се одвива и на 23 април, на самиот ден на молкот за претседателските избори, и на 24 април, кога всушност ќе се одвива гласањето за претседател. Ова, велат од Комисијата, е уникатна и единствена ситуација. Кандидатите за претседател ќе можат да се појавата на партиските собири на своите поддржувачи за кампањата за пратеници, но нема да можат да зборуваат.

На денот на гласањето за парламентарните избори 8 мај би се одржал втор круг од претседателските избори. Државната изборна комисија (ДИК) се уште не може да го соопшти софтверското решение за идентификацијата на гласачите со апаратите за биометриска идентификација бидејќи ќе има два типа гласање, за претседател и за пратеници. Дотолку повеќе што е потребен цензус за гласањето за претседател односно да се знае излезеноста за претседателските и за парламентарните избори, но и други податоци врзани за изборите. 

Она што друго исто така се нагласува е дека гласачите ќе можат да го остварат правото на глас само со важечки лични документи односно лична карта или патна исправа. 

Од ДИК исто така посочуваат дека и бројот на гласачи на изборите ќе биде различен. Увидот во Избирачкиот список и за претседателските и за парламентарните избори започнува на 28 февруари, а завршува на 18 март на полноќ. Заклучувањето на Избирачкиот список за двата изборни процеси е на 2 април, додека потпишувањето на заклучениот Избирачки список за претседателските избори е на 8 април додека за парламентарните избори на 22 април. Во Избирачкиот список за парламентарните избори ќе бидат внесени и оние граѓани кои ќе станат полнолетни во периодот од 8 до 22 април, но исто така ќе има и промени по основ на починати лица и друго. 

Од 14 февруари кога беа распишани изборите тече пријавувањето на нашите државјавни за гласање. Тоа се врши преку апликацијата dijaspora.sec.mk и преку нашите ДКП-а во странство. Пријавувањето ќе заврши на 18 март за двете гласања. Гласање во дијаспората ќе се организира и за претседателските и за парламентарните избори доколку за гласање се пријават околу 5 300 нашинци. ев/лв/     

Остани поврзан