• недела, 22 декември 2024

Зошто некои кучиња ги напаѓаат членовите на семејството во кое живеат?

Зошто некои кучиња ги напаѓаат членовите на семејството во кое живеат?

Ковентри, 27 јyни 2024 (МИА) - Во болница во Ковентри, Велика Британија, седуммесечно девојче неодамна почина, откако ја каснало куче - домашно милениче и се здобила со тешки повреди на главата. Полицијата и болничарите биле повикани во домот на семејството, пристигнале брзо и му укажале прва помош на бебето кое потоа итно било пренесено во болница, но починало.

Во соопштението за овој настан е потврдено дека семејното куче, кое е хумано еутаназирано потоа, не било од опасна раса. Ветеринарот од установата „Мај петс вет" (MyPetsVet), д-р Ник Хорнимен за „Мирор“ (Mirror) објаснува зошто дури и најдобро воспитаните кучиња може да ги нападнат членовите на семејството и ги истакна предупредувачките знаци на коишто сопствениците треба да обрнат внимание.

- Дури и најмирното и најпослушно куче може да го промени своето однесување и да стане опасно... Семејните кучиња се склони кон напади, а причините за агресијата честопати се игнорираат од сопствениците, или пак погрешно се протолкувани, тврди Хорнимен.

Ветеринарот вели дека клучните предизвикувачи на нагонот за напад ce страв кај кучето, болка и ненадејни движења што го плашат животното.

- Кучињата може агресивно да реагираат ако помислат дека нивната територија е загрозена или ако се појави потреба да си ја заштитат храната или своите играчки. Новата средина или присуството на нови лица, исто така, може да доведе до вознемиреност и одбранбени дејствија, појасни Хорнимен.

Ваквите напади може да се спречат доколку сопствениците можат да ги препознаат „скриените“ предупредувачки знаци коишто укажуваат на тоа дека на кучето му е непријатно или е вознемирено. Тие се: 'Ржење, покажување заби, кочење на телото, избегнување погледи со очите. Нервозното мафтање со опашката, особено во комбинација со напнато тело и однесување, исто така, може да биде знак на стрес кај кучето. Сопствениците мора да ги препознаат овие знаци и да ги оддалечат кучињата од страсните ситуации за да се избегне ескалација која може да доведе до потенцијално опасни случки, напад, па и смртен случај.  си/ссм/

Фото: „Мај петс вет"

Остани поврзан