Значително подобрена состојбата со акумулациите Липково и Глажња
- Стабилна е хидролошката состојба во кумановско, по последните врнежи што го зафатија регионот, соопштија денеска надлежните од АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“. Количините на вода во акумулациите Липково и Глажња бележат зголемување и се доволни за водоснабдување на Куманово. По подолгиот и исклучително сушен период, последните врнежи имаа клучно значење за стабилизирање на хидролошката состојба, бидејќи, активирани се планинските извори и малите потоци во карадачкиот регион.
Куманово, 4 декември 2025 (МИА) - Стабилна е хидролошката состојба во кумановско, по последните врнежи што го зафатија регионот, соопштија денеска надлежните од АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“. Количините на вода во акумулациите Липково и Глажња бележат зголемување и се доволни за водоснабдување на Куманово. По подолгиот и исклучително сушен период, последните врнежи имаа клучно значење за стабилизирање на хидролошката состојба, бидејќи, активирани се планинските извори и малите потоци во карадачкиот регион.
- Зголемениот доток на реките Брезјанка и Гошинска директно влијаеше врз подобрување на состојбата со акумулациите, кои со месеци работеа под ризични нивоа. Акумулацијата „Глажња“ моментално располага со 9.126.245 кубни метри вода, додека „Липково“ има 975.943 кубни метри, количини што во овој момент обезбедуваат сигурно и континуирано водоснабдување за градот Куманово и околните населени места, изјави раководителот на претпријатието, Дарко Живковски.
Летото што измина ќе остане запаметено како едно од најсушните во последната декада. Во одделни периоди, делови од речните корита во регионот беа целосно без проток. Подружницата „Кумановско – липковско поле“ ги насочи интервенциите кон испустите, спроведе континуиран мониторинг на нивото и спроведе приоритетна заштита на системите за водоснабдување на населението.
- И покрај екстремната суша летово успеавме да ги зголемиме наводнуваните земјоделски површини за 40 проценти, изјави Живковски.
Најавените нови врнежи се оптимистички и дополнително ќе ги обноват водните резерви и ќе овозможат подобра подготвеност за претстојната година. Надлежните очекуваат дополнителни врнежи, а со тоа и стабилен режим на водоснабдување и наводнување и во текот на следната сезона. ам/нд/
Фото: МИА