Зеленски до Ванс: Посетете ја Украина, сè уште ве чекаме
- Во истиот разговор, Зеленски изрази надеж дека претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе сфати дека рускиот лидер Владимир Путин е „послаб отколку што изгледа“ и дека „не може да му се верува“.

Киев, 24 март 2025 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно го повика американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс да ја посети Украина, но, како што тврди, сè уште не добил одговор.
Во интервју за списанието Тајм (Time), Зеленски изјави дека му предложил на Ванс да ја преиспита својата одлука да не патува во Украина додека трае војната.
- Сè уште ве чекаме, му порача Зеленски на американскиот функционер, но додаде дека досега не добил никаков одговор.
Во истиот разговор, Зеленски изрази надеж дека претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе сфати дека рускиот лидер Владимир Путин е „послаб отколку што изгледа“ и дека „не може да му се верува“.
Иако рече дека не верува во апокалиптични сценарија, Зеленски откри дека во еден од неодамнешните разговори со Трамп се обидел да му долови како би изгледал прекин на огнот што постојано би бил нарушуван од руски напади.
- Во такво сценарио, сите градови и населени места долж фронтот во Украина би станале како ‘илјада Берлини’ од времето на Студената војна – ‘мртви зони’ на картата на Европа, рече тој.
За време на напнатите разговори во Белата куќа претходно овој месец, Џеј Ди Ванс изјави дека Украина се потпира на присилна мобилизација.
На тоа, Зеленски одговори со прашање: „Дали некогаш сте биле во Украина за да зборувате за нашите проблеми?“ Зеленски, секако, знаеше дека одговорот е – не.
Игнорирајќи го повикот да ја посети земјата, Ванс му возврати: Всушност, ги следам тие информации и знам дека кога носите луѓе во Украина, ги водите на пропагандна тура, господине претседателе. ссм/
фото: архива