• недела, 22 декември 2024

Зголемување на капацитетите на полицијата, судовите и обвинителствата за борба против загадувањето на животната средина

Зголемување на капацитетите на полицијата, судовите и обвинителствата за борба против загадувањето на животната средина

Скопје, 26 јуни 2024 (МИА) - Зголемување на капацитетите на постојните судови и јавни обвинителства во делот на судските постапки кои се однесуваат на загадувањето на животната средина, формирање посебна полициска единица „Еко полиција“ во рамките на Министерството внатрешни работи и специјален „зелен суд“ и специјално „зелено јавно обвинителство“ надлежни само за делата против животната средина се дел од препораките на Петтата сесија на Работната група 5 „Животна средина“ (Поглавје 27).

На денешната дискусија на тема „Приближување на националното законодавство кон европските напори за еколошка правда“, Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија препорача нашето казнено законодавство целосно да се усогласи со Директива на Европскиот Парламент и на Советот за заштита на животната средина преку казненото право, применувајќи ја Директивата 2008/99/ЕС, посебно во делот кој се однесува на заканите. Тоа би значело, воведување на нови и соодветно одмерени казни за физичките и правните лица во согласност со гореспоменатата Директива.

Усогласување на Законот за прекршоци со Кривичниот законик, е исто така, една од препораките. 

- Министерството за правда да преземе инцијативи за ефективни обуки за јавни обвинители и судии за штетата предизвикана од криминалот во животната средина, профитот што го прават криминалците од него, како и за ефикасно сузбивање на еколошката корупција, стои во една од препораките.

Со цел ефективно спречување на дела против животната средина, како што дополнуваат, е неопходно усвојување на етички кодекс, како и норми за регулирање на конфликтот на интереси и ограничување на дискреционото право при носењето на одлуки од страна на раководните органи во областа на животната средина.

Никола Јовановски од Центар за правни истражувања и анализи, вели дека нивните очекувања се дека препораките ќе се исполнат.

- Сметаме дека е добар чекор и добар тајминг бидејќи имаме нов министер за животна средина и просторно планирање. Ова е позитивен чекор и ние ќе продолжиме со активизмот. Во блиска иднина ќе организираме средби на кои што ќе бидат презентирани овие заклучоци и препораки. Меѓутоа, паралелно ќе мора да работиме и со МВР бидејќи дел од препораките се однесуваат на пополнување на врската што е потребна помеѓу МВР и Обвинителството, вели тој.

Земја која што ги има овие институции е Словачка, а пред денешната сесија Советникот на претседателот на Република Словачка за животна средина, Норберт Курила, изјави дека процесот е долг, но се забележува прогрес.

- Имаме неколку институции кои што се грижат за овие проблеми, особено во министерствата за внатрешни работи, правда, животна средина, Словачкиот инспекторат. Тоа се процеси кои водат до поефективни резултати. На пример, во 3000 случаи што се пријавени во полицијата, околу 60 проценти од нив се решени, ова е добар сигнал дека системот може да работи. Но, исто така, и во Словачка има простор за подобрување, вели тој.

Курила информираше дека имаат посебна полициска единица со околу 200 специјализирани полицајци кои што се справуваат со еколошкиот криминал. Тој нагласи дека правилата ги освестиле луѓето во Словачка, да внимаваат на овие прекршоци, но, исто така и превенцијата. 

- Кога еднаш ќе ги поставите правилата, следуваат казни, но и превенција, која е многу важна. Ова е долг процес, тешко е да се реши ситуацијата за само неколку години, Но, гледам подобрување, особено во свеста дека луѓето знаат каде да се јават и кому да пријават. Исто така и властите и институциите се многу свесни затоа многу од случаите се решаваат, дополни тој. ар/аа/
Фото:МИА

Остани поврзан