• понеделник, 23 декември 2024

Зголемен бројот на деца кои се вакцинираат во Куманово

Зголемен бројот на деца кои се вакцинираат во Куманово

Куманово, 14 февруари 2024 (МИА) - Во двата вакцинални пункта во Здравствен Дом Куманово е драстично зголемен бројот на вакцинирани деца со вакцина за  пертусис, информираа денеска од установата. Родителите кои досега од различни причини не ги вакцинирале децата, сега ги носат во здравствените пунктови. За неколку недели, како што соопштија надлежните, во детскиот диспанзер се вакцинирале 380 деца, додека во амбулантата „Тоде Мендол“ 300 деца.

-Со зголемување на бројот на заболени од пертусис почна да се зголемува бројот на вакцинирани деца. Родителите ја забораваат ревакцината, бидејќи следува после примање на МРП вакцината. Сметам дека секој ја има видено видеоснимката од бебето кое не може да земе здив од болеста, така што и сега родителите се поисплашени, доаѓаат да ги вакцинираат бебињата и поголемите деца. За жал, имаме деца на четиригодишна возраст со ниту една примена доза, што е загрижувачки, изјави д-Валентина Богоевска-Димитриевска од диспанзер Куманово.

Предучилишните деца се вакцинираат во „Уред“, над петгодишна возраст во „Тоде Мендол“. Лекарите се надеваат дека бројката ќе се зголемува дополнително.

- Понеделник, вторник имавме дури 100 деца, инаку претходно беше по 30-тина, 40-тина деца, вели д-р Богоевска-Димитриевска.

Лекарите велат дека реагираат и родители на вакцинирани деца кои го почитуваат календарот и кои не сакаат нивните деца да посетуваат градинка и училиште со невакцинирани деца. Кумановските лекари препорачуваат целосна вакцинација, зашто пертусис е втора по морбили контагиозна болест која не ги штеди помалите, ниту повозрасните.

- Повторно ги повикувам сите родители да размислат на сопствените и на другите дечиња, за јавното здравје. Тоа се постигнува со вакцинација рече д-р Валентина Богоевска-Димитриевска.

Во Куманово опфатот со вакцините е значително понизок од останатите градови од државата.ам/бт/

Фото: МИА

Остани поврзан