• сабота, 21 декември 2024

Зачувување на традицијата преку изворна музика, млади од Крива Паланка го изучуваат своето културно наследство

Зачувување на традицијата преку изворна музика, млади од Крива Паланка го изучуваат своето културно наследство

Крива Паланка, 4 јуни 2024 (МИА) – Звуците на кавалот, гајдата, тапанот, тамбурата и други народни инструменти заживеаја повторно во Националната установа Центар за култура, преку иницијативата за зачувување на живото културно наследство, проект за изучување на традиционални инструменти поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Група млади ентузијасти од Крива Паланка се приклучија на иницијативата и веќе втора година активно изучуваат свирење: кавал, гајда, тапан, тамбура и други народни инструменти, а своите вештини ги презентираат преку настапите на фолкорните друштва во кои членовуваат и на други манифестации во земјата и странство.

Семинарот траеше во период од два месеци, од април до крајот на мај годинава, но се одржува веќе втора година под раководство на проф. д-р Горанчо Ангелов од Музичката академија при универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и досега низ школата на Ангелов само во Крива Планака минале околу триесетина млади, изучувачи на традиционални инструменти.

- Додека модерните трендови често ја засенуваат традиционалната музика, овие млади се посветени на совладување на вековните инструменти кои се пренесуваат низ генерации во кривопаланечко. Целта е да ги привлечеме младите и талентирани музичари да го зачуваат оваа вредно народно богатство и наследство за идните генерации и да обезбедат негова афирмација и одржлив развој, вели Аце Златановски, координатор на проектот  и стручен соработник во НУ Центар за култура Крива Паланка.

Младиот Теодор Смиљков, кој свири клавир, истовремено е посветен и на зачувување на традицијата, изучувајќи свирење  гајда, инструмент што обично го свират  постарите членови.

-Не е толку тешко да се изучи овој инструмент, но треба напорно да се вежба. Вистинско задоволство е да се свири гајда за да се зачува традицијата,објаснува Смиљков.

Слично на него, и Христијан Марковски веќе втора година наоѓа инспирација во кавалот, омилен инструмент во неговото семејство.

-И брат ми има кавал и свири на него. Можам да кажам дека традиционалните инструменти повторно влегуваат во „мода“. Затоа, апелирам повеќе млади да свират традиционална музика, да си го зачуваме нашето културно наследство, гордо забележува малиот Христијан.

Важноста од вклучување на младите во традиционалната музика ја истакнуваат и професионалните музичари, близнаците Мартин и Марјан Бошковски,  чиј прв инструмент е хармоника.

-Отсекогаш сакавме да свриме традиционални инструменти. Со проф. Ангелов имавме можност  да ги научиме овие инстрменти - тамбура, кавал, гајда и др. Треба повеќе да ги негуваме и да ги внесуваме во музиката која ја слушаме и свириме, а  и младите музичари треба  повеќе да се посветат на неа. Нивното изучување за нас, секако, е полесно, бидејќи имаме средно музичко и музичка академија, но и за младите почетници не е тешко да да научат, само треба да имаат желба, велат браќата Бошковски.

Професорот Горанчо Ангелов, доктор  по етномузикологија, кој го води семинарот за изучување на традиционални инструменти во соработка со НУ Центарот за култура од Крива Паланка, смета дека вклучувањето на овие млади таленти ќе го отвори патот токму тие да бидат идни чувари на традиционалната музика.

-Се надевам  дека изучувањето традиционални инструменти  ќе прерасне во традиција и во следните години може да очекуваме да имаме зрели музичари, чувари-пренесувачи на традиционалната музика и традиционалните инструменти, посочува Ангелов.

Тој останува оптимист во врска со повторното оживување на традиционалната музика и покрај предизвиците што ги носи модерното време.

-Во споредба со пред 20-30 години, денес ситуацијата е многу подобра. Важно дека младите пројавуваат  интерес и откако ќе го совладаат инструментот, следниот чекор е колку ќе ја негуваат старата музика или онаа мешавина од старото и новото, бидејќи секое време си носи свои потреби и побарувања.  Мојата препорака и животно мото е да се обидат колку може подлабоко да навлезат во изворното и потоа да го презентираат во државата и надвор од неа, порачува Ангелов.

Како карактеристични инструменти во  кривопаланечко, професорот го издвојува ќемането, кое за жал изумира и го  свират уште двајца –тројца кеманаџии. Тој се надева дека некој од овие млади ученици во иднина ќе пројави интерес и  за овој инструмент, а ги истакнува и: гајдата, тапанот и кавалот како инструменти застапени во овој регион.

- Најголемата придобивка од проектот „Изучување традиционални инструменти“ е дефинитивно тоа што заживуваат инструментите благодарение на младите кои го рподолжуваат траењето на едно традиционално , денес по малку зпаоставено, музичко живеење со мелчосот и звукот на минатото, пренесени како аманет на генерациите денес, кои истовремено ќе бидат мост со идните поколенија, зачувувајќи го од заборав битот на македонската традиција, посочи на крајот Златановски, кој веќе е во преговори со професорот Ангелов, оваа традиција на подучување да продолжи и следната година, како отворена можност младите да ги изучат традиционалните инструменти.

Ирена Димитровска

Фото: МИА

 

Остани поврзан