• понеделник, 23 декември 2024

Започна со работа првата градинка во Босилово, 55 деца ќе добијат предучилишно воспитание и образование

Започна со работа првата градинка во Босилово, 55 деца ќе добијат предучилишно воспитание и образование

Босилово, 4 септември 2023 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, заедно со градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев, денеска го одбележаа официјалното почнување со работа на градинката „Среќни насмевки“ во Босилово.

-Градинката „Среќни насмевки“ e изградена и опремена со средства обезбедени од Министерството за труд и социјална политика во износ од 14 милиони денари во градежниот дел и околу 2.5 милиони денари во опремување. Таа е изградена согласно најсовремените стандарди за објекти од оваа намена и овозможена е едукација на најмладите преку методот учење преку игра“ истакна Тренчевска во своето обраќање.

Додаде дека за посветената работа во унапредувањето на детската заштита потврдуваат и фактите дека од 2017 година досега се отворени 81 детски градинки и 12 центри за ран детски развој и со тоа се опфаќаат околу 5.900 деца.

Градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев, истакна дека го почитува процесот на отврање на детски градинки во руралните средини.

-На задоволство на сите граѓани на Босилово денес започна со работа првата градинка на ова населено место со опфат на 55 деца. Како градоначалник морам да истакнам дека апсолутно го почитувам процесот на отворање на детски градинки во руралните средини. Тоа е многу важно заради социјализација и едукација на децата и воедно на таков начин се овозможува еднакви услови и за децата и за граѓаните од руралните и урбаните средини, рече градоначалникот Манчев.

По одбележувањето со почнување на работа на новата детска градинка во Босилово, министерката Тренчевска ќе присуствува и на отворањето на Дневниот центар за активно стареење во селото Турново наменет за пензионерите. рт/свс/

Фото: МИА

Остани поврзан