• недела, 22 декември 2024

Загубите на кумановското јавно претпријатие „Водовод“ во границите на нормала

Загубите на кумановското јавно претпријатие „Водовод“ во границите на нормала
Куманово, 7 март 2023 (МИА) - Загубите на кумановското јавно претпријатие „Водовод“ сè во границите на нормала, соопштија денеска надлежните. Лани, според податоците на претпријатието, загубите се помали за осум проценти.

- Уште во септември лани, ЈП „Водовод“ презеде активности во рамки на проект за замена и инсталација на 10.000 електронски водомери, добивме 20 протокомери и мерачи на притисок во водоводна мрежа, и почнавме со активно испитување на загуби на вода, при што се изолирани 20 мерни сектори, за пет од нив се изведени армирано бетонски мерни шахти и е инсталирана опрема за мерење на проток и притисок, при што во реално време се следат параметрите на изолираниот сектор кој се мери, изјави диреторот на ЈП „Водовод“, Оливер Стојмановски.

Од добиените резултати веднаш се преземени мерки, при што нашите екипи со помош на опрема за детектирање на дефекти (геофон, геокорелатор, контактен микрофон и др.) работи на терен.

Моментално се работи во изолираниот сектор во селата Долно Којнаре, улица „Никола Тесла“ со околни улици, во месностите „Османов рид“, „Ново Куманово“ и населба Средорек, каде, според податоците се бележи најголемиот дел од загубите на вода во овој сектор-11 литри во секунда. Ангажиран е и стручен кадар кој работи со опремата.

– Ќе работиме интензивно на откривање на скриени дефекти, најави Стојмановски.

Втората фаза од проектот „Набавка на опрема за намалување на загуби на вода“, почна во септември, лани. Информациите од мерните локации како што појаснуваат стручните, се испраќаат до главниот „Скада“ центар каде се следи процесот на обработка на добиените информации од вработените во претпријатието. Првите ултразвучни мерачи на проток на вода беа поставени на локации во близина на административната зграда на „Водовод“, кај Градски стадион на улица „Братство и Единство‘, влез на населбата Проевце, сектор „Тоде Мендол“ и улица „11 Ноември“ крстосница со „Индустриска“. ам/сст/

Фото МИА

Остани поврзан