• сабота, 23 ноември 2024

Загадена водата за пиење во училиштата во Чешиново и Уларци

Загадена водата за пиење во училиштата во Чешиново и Уларци

Кочани, 29 септември 2019 (МИА) – Здравствено неисправна поради бактериолошко загадување е водата за пиење од чешмите во подрачните објекти на основното училиште „Страшо Пинџур“ во селата Чешиново и Уларци.

Хемиска загаденост е регистрирана и кај локалниот водовод во селото Спанчево, поради што е препорачано водата да не се користи во домаќинствата.

Испитувањата што ги направила лабораторијата при Центарот за јавно здравје од Кочани покажала присуство и на колиформни бактерии во земените примероци вода од училишните чешми, поради што е доставено известување до Општина Чешиново-Облешево во кое се препорачува забрана за нејзино користење.

-Локалната самоуправа ги информира учениците и вработените во училиштата во Уларци и Чешиново дека водата не одговора на здравствените стандарди и не е безбедна за употреба за луѓето, односно неопходно е да се дезинфицира со превривање. Исто така, и водата од водоводот во Спанчево не одговара на пропишаните параметри поради присуство на нитрати, а потребно е нејзино таложење и дополнителна превентива пред да се користи за пиење. Главна причина за загадувањето е ниското ниво на подземните води поради долготрајниот сушен период, истакна градоначалникот на Чешиново-Облешево, Далибор Ангелов.

Сличен случај на загаденост на водата во општина Чешиново-Облешево имаше и пред три години, а причината беше високото ниво на подземните води предизвикано од тогашните поплави. Поради тоа, Локалната самоуправа обезбеди пакувана вода во шишиња, што бесплатно им ја делеше на жителите.та/вј/

фото: МИА

 

Остани поврзан