• петок, 22 ноември 2024

Завршува најголемата вежба на НАТО во која учествуваат 90 илјади војници

Завршува најголемата вежба на НАТО во која учествуваат 90 илјади војници

Брисел, 31 мај 2024 (МИА) - Војници на земјите-членки на НАТО денеска ќе ја завршат својата најголема воена вежба организирана од западната одбранбена алијанса од крајот на Студената војна, чија цел е да се одврати можна руска агресија, јави ДПА.

Серијата воени маневри под името „Steadfast Defender 2024“ беа започнати од НАТО како одговор на променетата безбедносна ситуација во Европа како резултат на целосната инвазија на Русија врз Украина пред повеќе од две години. Според штабот на НАТО, во вежбите, кои почнаа пред околу четири месеци, учествувале повеќе од 90.000 војници од сите 32 земји-членки на алијансата, како и 50 воени бродови, 1.100 борбени возила и повеќе од 80 борбени авиони.

Вежбата особено се фокусираше на предупредувањето и распоредувањето на националните и мултинационалните копнени сили на источното крило на НАТО, од Арктичкиот круг до Карпатите во Романија.

ДПА јави дека сценариото за големите воени маневри е руски напад на сојузничка територија, што спаѓа во опсегот на членот 5 од Северноатлантскиот договор, кој вели дека нападот врз еден сојузник на НАТО се смета за напад врз сите сојузници. Членот 5 беше применет само еднаш – по терористичките напади на „Ал Каеда“ против САД на 11 септември 2001 година. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан