• сабота, 27 јули 2024

Заврши првата фаза од проектот за целосната реконструкција на улици во дебарската населба Венец 1

Заврши првата фаза од проектот за целосната реконструкција на улици во дебарската населба Венец 1

Дебар, 24 ноември 2023 (МИА) - Со асфалтирањето на околу 600 метри улици во населбата Венец 1 заврши првата фаза од инфраструктурниот мегапроект на општина Дебар, со кој е предвидена целосна реконструкција на четири улици во оваа населба.

Работите околу асфалтирањето на улицата „Пролетерска“ од блиску ги следеше градоначалникот Хекуран Дука, кој рече дека работите се реализирале во предвидениот рок.

- Сè е завршено во предвидениот рок, од целосно отстранување на стариот асфалт, поставен пред повеќе од четири децении, извршено е тампонирање и ново асфалтирање, изградени се нови тротоари, поставување ново јавно осветлување, првпат изградба на атмосферска канализација. На крајот ќе следи хоризонтална и вертикална улична сигнализација, рече Дука.

Проектот се реализира со финансиската поддршка добиена на конкурсот на Министерството за транспорт и врски, со обезбедени средства од страна на Светска банка, за што Дука изрази благодарност до Владата на Северна Македонија за заложбата и поддршката во реализацијата на овој проект.

-Им благодарам на жители за трпението. Во зависност од временските услови продолжуваме со втората етапа од овој инфраструктурен мегапроект, нагласи Дука.

Проектот е со вредност од околу 37 милиони денари што е најскапиот инфраструктурен проект досега во општина Дебар, а опфаќа целосна реконструкција на четири улици во споменатата населба. вт/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан