• вторник, 05 ноември 2024

Заврши вториот ден расправа за ребалансот на Буџетот на Комисијата за финансирање и буџет

Заврши вториот ден расправа за ребалансот на Буџетот на Комисијата за финансирање и буџет
Скопје, 14 јуни 2022 (МИА) - Заврши вториот ден расправа за ребалансот на Буџетот за 2022 година на собраниската Комисија за финансирање и Буџет. За пратениците од власта, ребалансот на Буџетот е во насока на поефикасен одговор на последиците предизвикани од светската економска криза, а 76 милиони евра се предвидени за нови, приспособени и таргетирани мерки за помош на граѓаните и стопанството. За опозицијата, ребалансот е доказ дека државата е на раб на банкрот, јавниот долг ќе надмине рекордни 8 милијарди евра, а граѓаните секојдневно осиромашуваат. Пратеникот од СДСМ Диме Велковски посочи дека државата е во стабилна состојба, покачени се платите и пензиите, а инфлацијата во голема мерка е увезена поради руско-украинската војна. Тој потенцира дека власта вратила стари долгови од над 800 мил евра. - За да функционира економски државата, таа мора да ги исполнува сите услови, вклучително и да ги враќа своите долгови. Тоа државата успешно го прави и во време на сите овие кризи. Данокот на добивка во периодот јануари-мај годинава е за 43,1 отсто поголем во однос на 2021 година, во истиот период данокот на личен доход е поголем за 17,9 отсто, ДДВ е зголемен за 7,4 отсто, а царините за 34,2 отсто. Истовремено, бележиме и пад на јавниот долг од 2,2 процентни поени и пад на државниот долг од 1,9 процентни поени во првиот квартал од оваа година. Овие успешни економски политики мора да продолжат и затоа е потребно овој ребаланс да биде усвоен од страна на пратениците, рече Велковски. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, кој е и претседател на Комисијата за финансирање и Буџет, во реплика до Велковски рече дека инфлацијата е домашна, а увезена околу 40 проценти. - Треба да седнеме владејачко мнозинство и опозиција и да разрешиме некој прашања во интерес на граѓаните. Вака конципиран ребаланс на Буџетот нема да даде одговор на прашањата кои ги мачат граѓаните. Кризата ќе се продлабочува, новите бројки за инфлацијата ќе бидат поголеми од сегашната 12 проценти. Луѓето го губат чекорот со инфлацијата, рече Стојановски, додавајќи дека ние како држава не можеме да дадеме одговор за кризата. Велковски во контрареплика рече дека и тој е свесен дека цените растат и дека е економска криза, но Владата носи антикризни мерки кои ќе помогнат во надминување на состојбата. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лидија Петкоска во реплика до Велковски рече дека проекциите на власта се нереални. - Како тргнавте, ќе се даваат средства за ова, ќе се даваат средства за она, народот ќе помисли дека ништо не треба да работи оти Владата ќе му даде пари, рече Петкоска. Таа потсети дека кога се носел иницијалниот Буџет, власта велела дека тој е развоен и дека ќе се создадат услови за економски раст, за само по шест месеци, да слушнеме дека од силната развојна компонента на Буџетот, сега останува да се спаси тоа што може да се спаси. Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници, гасоводи … Во ребалансот на Буџетот предвидени се околу 70 милиони евра за антикризни мерки кои, како што најавуваа владини претставници во изминатиов период, ќе бидат таргетирани кон оние на кои им се најпотребни. Расправата за ребаланс на Буџетот на Комисијата за финансирање и Буџет продолжува  во петок во 11 часот. ир/са/

Остани поврзан