• вторник, 25 март 2025

Завршија преговорите меѓу руската и американската делегација во Ријад, заедничко соопштение ќе биде објавено утре

Завршија преговорите меѓу руската и американската делегација во Ријад, заедничко соопштение ќе биде објавено утре

Ријад, 24 март 2025 (МИА) - Делегациите на Руската Федерација и Соединетите Американски Држави вечерва ги завршија разговорите во Саудиска Арабија, кои траеја повеќе од 12 часа.

Заедничко соопштение за резултатите од разговорите ќе биде објавено утре. 

Претходно беше кажано дека двете делегации го договараат текстот на заедничката изјава.

Претседателот на меѓународниот комитет на Советот на Федерацијата, Григориј Карасин, претходно денеска изјави дека „состанокот поминува во креативна атмосфера“ и дека „страните воделе интересна дискусија за актуелни теми“.

Преговорите се одржуваа зад затворени врати во хотелот „Риц Карлтон“, каде што Вашингтон посредуваше за ограничен прекин на огнот по повеќе од три години борби во Украина.

Клучен фокус на преговорите беше обезбедувањето запирање на нападите врз енергетските капацитети. И Русија и Украина начелно се согласија на ова делумно примирје, но тоа допрва треба да се спроведе.

Соединетите Американски Држави, исто така, вршат притисок за продолжување на прекинот на огнот на бродските рути во Црното Море.

Делегацијата на Москва ја предводат дипломатот од кариера Григориј Карасин и Сергеј Беседа, висок разузнавач и близок човек од доверба на рускиот претседател Владимир Путин.

Во составот на американската делегација во Саудиска Арабија се американскиот специјален пратеник за Украина Кит Келог и американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц, како и Ендрју Пик, директор за Европа во Националниот совет за безбедност и Мајкл Антон, директор за политичко планирање во Стејт департментот.

Претходно, саудиски медиуми објавија дека украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров пристигнал на нова рунда разговори во Саудиска Арабија. паг/

Фото: ЕПА

 

 

 

Остани поврзан