• вторник, 17 декември 2024

Женскиот фудбал може да го однесе прилепскиот спорт на меѓународна сцена

Женскиот фудбал може да го однесе прилепскиот спорт на меѓународна сцена
Прилеп, 27 октомври 2020 (МИА) - Женскиот фудбалски клуб „Деспина“ од Прилеп напорно работи и по три години од формирањето бележи врвни резултати со реални шанси сениорската екипа да биде прва во Македонската прва женска фудбалска лига. Според претседателот на клубот Славчо Ѓорѓијоски, високите фудбалски резултати и на сениорската и на младинската екипа во клубот се резултат на напорни тренинзи. Се снаоѓаат, вели во овие услови и се работи според протоколите на Фудбалскиот Сојуз на Македонија. - Напорно тренираме на игралиштето со вештачка трева во приелпската типска населба. Клубот е формиран во јули 2018. Брои 50 члена и има две екипи - сениорска и младинска екипа. Сите заедно работиме според протоколите на Фудбалскиот сојуз со редовни тестирања и желба да се напредува, вели Ѓорѓијоски. Успесите се големи. - Со сениорската женска фудбалска екипа првата година бевме на седмо, лани на трето, а сега, реално, сме фокусирани на првото место во првата женска фудбалска лига. Тоа пак ќе не однесе до нашите желби кои може да станат стварност- Лигата на шампиони за жени. Успесите се големи и со младинската екипа. Лани младата екипа беше шампион на Македонија, објаснува Ѓорѓијоски. Горда на успесите е Елена Бошкоска, фудбалерка на женската фудбалска екипа.
  • ЖФК „Деспина“ од  Прилеп е клуб кој ја игра третата натпреварувачка сезона во Првата женска фудбалска лига. Иако релативно периодот е краток станува збор за добро организиран клуб, со добра стратегија која јасно гледа во иднината. Во клубот постојат младински категории од каде континуирано произлегуваат нови таленти и на истите им де дава шанса за стекнување нови искуства.  Амбициите оваа година се насочени на два фронта, односно атак кон првото место во лигата како и учество во финалето на Купот на Македонија за женски фудбал. Се работи посветено и амбициозно и се надеваме на позитивни резултати и остварување на нашите цели. Сите овие очекувања на клубот се поради духот на заедништво на играчите како и на солидното менаџирање на управата на клубот, вели Елена.
Катерина Милеска, капитен на ЖФК Деспина и на женската фудбалска репрезентација на Македонија смета дека заслужено го вратија женскиот фудбал во Прилеп. - Тешко е да се почне од нула и да се формира женски фудбалски клуб, успеавме повторно да го вратиме женскиот фудбал во Прилеп и да имаме солидни резултати претходните две сезони. Оваа сезона добро започнавме и сме при врвот на табелата се оди од натпревар во натпревар,спојот на искуството и младоста но и тимскиот дух даваат резултат. Покрај тоа што сѐ уште активно играм фудбал, почнав да се насочувам и на тренерската работа и сум носител на „UEFA“ А лиценца и ја предводам младинската екипа на клубот, која претходната сезона беше шампион во младинската женска фудбалска лига. Сметам дека потенцијал и талент има, но условите во нашата лига се тие што доведуваат до стагнација и рано откажување од фудбалот. Се надевам дека во иднина тоа ќе се подобри и женскиот фудбал ќе се крене на повисоко ниво во нашата земја, објаснува Катерина. Клубот има спонзор, тоа е ПИ „Витаминка“, а ваучерот од Агенцијата за млади и спорт многу помогнал. Но, според Ѓорѓијоски, треба активно да се вклучи и прилепската локална самоуправа зашто резултатите говорат сами.
  • Поради големите резултати на двете екипи, треба и Општината да реагира. Од прилепските спортови, ние сме најблиску да излеземе во Европа. А сета посветеност и заложбите на сите, заслужуваат да бидат наградени од градот, вели Ѓорѓијоски. ем/зс/

Остани поврзан