• петок, 05 декември 2025

Жените од руралните средини од Североистокот сè поактивни во креирањето локални политики

Жените од руралните средини од Североистокот сè поактивни во креирањето локални политики

Крива Паланка, 15 ноември 2025 (МИА) - Забележителен е позитивениот напредок на жените од руралните заедници кои сè повеќе се охрабруват да ги артикулираат проблемите во своите локални заедници и да ги адресираат до локалните власти. Преку едукација и поддршка на граѓанскиот сектор, тие ги зајакнуваат своите капацитети и вече активно се вклучуваат во процесот на креирање локални политики, беше истакнато на втората Ргионална средба на жените од руралните средини на Кратово, Крива Паланка и Куманово, која се одржа синоќа во Кратово.

Настанот беше организиран во рамките на проектот „Активни жени“, спроведуван од ХЗ Мајка од Куманово, во партнерство со РЦОР Кратово, РЦС Спектар од Крива Паланка и Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија од Куманово.

 -Целта е едукација и зајакнување на жените од рурлните заедници за активно учество во јавните процеси и застапување на нивните интереси. Преку ваквите активности тие добиваат алатки, знаења и самодоверба за да бидат гласни и видливи во локалните заедници. На тој начин се создава основа за поинклузивен и правичен развој во заедницата, посочи Милош Димитриевски од Регионалниот центар за одржлив развој Кратово, организатор на средбата.

Учесничките ги презентираа досегашните резултати од проектните активности, посебно истакнувајчи ги нивните предлози и вече доставени барања до општините за нивно вклучување во  буџетските програми за 2026 година. Според учесничките, ваквиот тип поддршка им овозможува активно да се вклучат во процесите на донесување одлуки во своите заедници.

Особено внимание беше посветено и на иницијативите што жените активно ги спроведуваат во своите населени места. Преку заеднички акции работат на решавање на клучни локални проблеми, од инфраструктурни потреби, подобрување на јавните услуги, сè до активности за заштита на животната средина и поттикнување на локалниот рурален развој.

-Истовремено, на средбата беше истакната и важноста од регионално поврзување и размена на искуства, со заклучок дека ваквите средби создаваат мрежа на солидарност и заедничко делување. Проектот „Активни жени“ продолжува да биде платформа која им помага да го подигнат својот глас, да иницираат промени и да ја зајакнат видливоста и улогата на жените во руралните заедници, додаде Димитриевски.

На оваа регионална средба беше договорено продолжување на меѓусебната соработка и креирање нови заеднички иницијативи што ќе придонесат за поактивно, порамноправно и поодржливо учество на жените во јавниот живот и во одлучувачките процеси на локално ниво.

Проектот е финансиран од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас, што ја спроведува МЦМС. ид/сст/

 

ФОТО: РЦС Спектар, Крива Паланка

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан