Ејупи: Новиот проект од областа климатските промени е директно поврзан со спроведувањето на Реформската агенда на државата
- Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Ресми Ејупи денеска се обратил на отворањето на почетната работилница на новиот проект од областа климатски промени „Развој на првиот двогодишен извештај за транспарентност и комбинираниот втор двогодишен извештај за транспарентност и петтиот национален извештај за климатските промени на Северна Македонија во рамките на УНФЦЦЦ“ што се одржал во Скопје.

Скопје, 27 февруари 2025 (МИА) - Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Ресми Ејупи денеска се обратил на отворањето на почетната работилница на новиот проект од областа климатски промени „Развој на првиот двогодишен извештај за транспарентност и комбинираниот втор двогодишен извештај за транспарентност и петтиот национален извештај за климатските промени на Северна Македонија во рамките на УНФЦЦЦ“ што се одржал во Скопје.
Како што соопштија од МЖСПП, на работилницата свое обраќање имале и Ана Чернишова, заменик постојан претставник на УНДП во Северна Македонија и Анита Коџоман, програмски офицер на УНДП.
Во поздравното обраќање, државниот секретар Ејупи истакнал дека спроведувањето на овој проект е директно врзано и со спроведувањето на Реформската агенда на државата, бидејќи известувањето на униформиран начин на државите од светот, ги прави извештаите споредливи и овозможува да се процени постигнувањето на глобалната цел од Договорот од Париз.
Додавајќи дека во контекст на процесот на пристапување кон Европската Унија, Република Северна Македонија веќе го започна процесот на хармонизација на својот пристап кон ублажувањето на климатските промени кон обврските на ЕУ, Ејупи информирал дека во таа насока, подготвен е нацрт текст на предлог на Закон за климатска акцијa кој е во владина постапка на усвојување.
- Моментално, работиме на адресирање на добиените коментари од повеќе од 25 институции и паралелно работиме на функционалната анализа за да ја обезбедиме потребната институционална структура за спроведување на Законот, подвлекол Ејупи.
Според Чернишова, заменик постојан претставник на УНДП во Северна Македонија почетната работилница е момент да се соберат сите релевантни партнери и чинители, кои ќе работат заедно со УНДП за успешна имплементација на проектот и постигнување на зацртаните резултати што се обврска на земјата според УНФЦЦЦ и Договорот од Париз.
- На меѓународно ниво, ваквите извештаи помагаат да се разбере нивото на имплементација на Конвенцијата на глобално ниво, да се изгради доверба и да се зголемат амбициите на сите земји да ги намалат емисиите на стакленички гасови, да се залагаат за позелен развој и подобра адаптација на климатските промени, истакнала Чернишова додавајќи дека овие извештаи, исто така, треба да го подобрат пристапот до финансиска поддршка и мобилизација на ресурси за климатски активности.
Проектот е продолжување и надградба на повеќе од 20-годишните изминати активности во оваа област, спроведувани како партнерство помеѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за развој на Обединетите Нации – УНДП, во соработка со другите клучни чинители во државата.
Вредноста на проектот е во износ од околу 1.23 милиони американски долари. Тој започна во јули 2024 година, а се очекува проектните задачи да завршат до декември 2027 година. цр/нд/
Фото: МЖСПП