• четврток, 26 март 2026

ЕУ повика на дијалог меѓу Индија и Пакистан  

ЕУ повика на дијалог меѓу Индија и Пакистан  

Брисел, 8 мај 2025 (МИА) - Европската Унија ги повикува Индија и Пакистан да започнат дијалог за деескалација на состојбата и најавува подготвеност да работи со двете страни во остварување на тие напори, порача денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас. 

- Од витално значење е Индија и Пакистан да ги исполнат своите обврски според меѓународното право и да ги преземат сите можни мерки за заштита на животите на цивилите, нагласи Калас во писмената изјава по повод индиско-пакистанскиот конфликт. 

Таа додаде дека ЕУ внимателно и со голема загриженост ги следи растечките тензии во регионот и последиците што произлегуваат од нив, вклучително и од евентуалната загуба на уште повеќе животи.  

- ЕУ ги повикува двете страни да покажат воздржаност, да ги деескалираат тензиите и да се воздржат од понатамошни напади за да ги заштитат животите на цивилите, порача Калас. 

Таа во писмената изјава нагласува и дека Европската Унија и нејзините 27 земји членки недвосмислено го осудуваат терористичкиот напад во Пахалгам на 22 април и убиството на невини цивили.  

- Тероризмот никогаш не може да се оправда. Оние што се одговорни за нападот мора да бидат изведени пред лицето на правдата. Секоја држава има должност и право законски да ги заштити своите граѓани од терористички акти, додава Калас во пораката. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан