ЕУ за нацртот на Рама за ЗСО: Сериозен и квалитетен документ
- Во Европскиот совет е испратен и нацрт текстот за формирање Заедница на општини со српско мнозинство на Косово, кој албанскиот премиер Еди Рама го достави до Париз и Берлин, потврдија за Радио Слободна Европа извори од таа институција.
Брисел, 9 јуни 2023 (МИА) – Во Европскиот совет е испратен и нацрт текстот за формирање Заедница на општини со српско мнозинство на Косово, кој албанскиот премиер Еди Рама го достави до Париз и Берлин, потврдија за Радио Слободна Европа извори од таа институција.
Дипломатски извори кои го виделе нацртот оценија дека станува збор за „сериозен и квалитетен документ“.
Извори од Брисел на РСЕ наведуваат дека текстот на нацртот е внимателно анализиран и додаваат дека тој се третира како уште еден придонес, слично на другите нацрти направени од различни организации и тинк-тенкови.
Дипломатите во Европската унија наведуваат дека не е толку важно како ЕУ го третира нацртот, туку каков однос имаат Србија и Косово кон него, пренесе Бета.
- На Приштина и Белград е да напредуваат кон исполнување на оваа обврска во рамките на дијалогот, рече еден европски дипломат под услов да остане анонимен.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, на прес-конференција соопшти дека на 7 јуни на францускиот претседател Емануел Макрон и на германскиот канцелар Олаф Шолц им доставил нацрт за формирање Заедница на општини со српско мнозинство и на Косово и ги известил претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и американската страна.
Рама рече и дека не се консултирал со премиерот на Косово Албин Курти за изработка на статутот за формирање на ЗСО. јт/зш/
Фото: МИА Архива