• петок, 27 декември 2024

Ескобар: Со организација на средбата во Охрид, Северна Македонија докажа дека е доверлив партнер на САД и ЕУ

Ескобар: Со организација на средбата во Охрид, Северна Македонија докажа дека е доверлив партнер на САД и ЕУ

Охрид, 18 март 2023 (МИА) - Без нашите пријатели и сојузници ова немаше да се случи. Ова е уште еден доказ дека Северна Македонија е доверлив партнер што им помага на САД и ЕУ да постигнат регионална стабилност, изјави вечерва во Охрид, американскиот преставник за Западен Балкан, Габриал Ескобар по завршување на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ, заблагодарувајќи му се премиерот Димитар Ковачевски и на Владата за организацијата на средбата.

Тој ги поздрави и Белград и Приштина за, како што рече, постигнатиот тежок, но неопходен договор за воспоставување на мирољубиви и предвидливи односи меѓу двете страни.

- Тоа не само што ги отвора вратите за евроатланска интеграција на двете земји, туку ја отвора и вратата на регионот за нова ера на мир, рече Ескобар.

Американскиот дипломат им се заблагодари и на претставниците на ЕУ за, како што рече, нивната напорна работа за постигнување на овој визионерски момент.

- Можам да ви кажам дека САД ќе се заложат да помогнат во спроведување (на договореното) и тоа спроведување да биде во интерес на двете земји и на регионот. Ќе сториме се што е во наша моќ за да ја поддржиме имплементацијата, и на политички, и на економски и на секој друг начин, за да направиме мирот на Балканот да биде реалност, потенцира Ескобар.

Во вилата „Билјана“ во Охрид по долги 12 часа преговори меѓу високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жозеп Борел, специјалниот претставник Лајчак и српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, како што беше објавено беше постигнат договор за анексот за имплементација на договорот помеѓу двете земји за норнмализирање на нивните односи. сп/бак/

 

Остани поврзан