• петок, 05 декември 2025

Енрике им се заблагодари на навивачите за поддршката по победата во Лигата на шампионите

Енрике им се заблагодари на навивачите за поддршката по победата во Лигата на шампионите

Минхен, 1 јуни 2025 (МИА) - Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, им се заблагодари на навивачите на тимот за нивната поддршка, кои ги опиша како „12-ти играч на теренот“, по освојувањето на титулата во Лигата на шампионите, и ѝ оддаде почит на својата покојна ќерка Хана.

Дезире Ду постигна два гола за да го предводи ПСЖ до нивниот прв триумф на турнирот со убедлива победа од 5-0 над Интер.

Енрике, видливо емотивен по последниот свиреж и облечен во маица во чест на Хана, која почина од рак на деветгодишна возраст во 2019 година, им се заблагодари на навивачите кои кренаа огромни транспаренти со слики од неговата ќерка. Кога заврши натпреварот, тој отиде на трибините да се пресоблече во маица со илустрација од Хана како го става знамето на ПСЖ во теренот.

-Многу сум среќен. Беше супер емотивно на крајот со транспарентот од навивачите за моето семејство. Секогаш мислам на мојата ќерка, рече тренерот.

Францускиот тим го победи Интер и беше пофален од својот тренер за нивната игра со висок интензитет. Тој го издвои Усман Дембеле за неговата одлична игра.

Енрике, исто така, рече дека останал смирен и покрај емоциите, уверен дека неговиот млад тим вложил потребен напор за да се справи со притисокот што доаѓа пред толку неизвесно финале.

-Тренерот мора да ги контролира своите емоции, мора да се справи со притисокот за да им помогне на играчите. Се подготвивме за финалето со потребната смиреност за да го оставиме возбудувањето настрана. Сега можеме да уживаме во моментот, можеме да го вратиме трофејот во Париз. Мислам дека пишувањето историја беше цел од почетокот на минатата сезона. Навистина чувствував врска со играчите и со навивачите, многу силна врска што беше таму во текот на целата сезона, додаде тој.

Младиот тим на ПСЖ го постигна она што играчи како Лионел Меси, Нејмар и Килијан Мбапе не успеаја да го направат за тимот, станувајќи само вториот француски тим што го освоил трофејот по Олимпик Марсеј во 1993 година.

Победата го направи Енрике втор менаџер, по неговиот поранешен соиграч од Барселона, Пеп Гвардиола, кој ја освоил континенталната тројна круна - Лига, Куп и Лига на шампиони - во една сезона.

Тој, исто така, им се заблагодари на играчите на Интер за нивниот спортски дух, за тоа што останаа на теренот по последниот свиреж.

-Сакам да им честитам на Интер - на сите играчи и персонал. Тие ни покажаа почит на крајот. Ова е лекција за сите - мора да знаете како да губите, заклучи тој. дс

Фото: Архива

Остани поврзан