ЕК одвои три милиони евра за поддршката на руските и белоруските новинари протерани во ЕУ
- Европската комисија денеска распиша конкурс за проекти за поддршка на независните новинари и медиуми од Русија и Белорусија кои работат од ЕУ, а за чија реализација се предвидени речиси три милиони евра.

Брисел, 3 јануари 2025 (МИА) - Европската комисија денеска распиша конкурс за проекти за поддршка на независните новинари и медиуми од Русија и Белорусија кои работат од ЕУ, а за чија реализација се предвидени речиси три милиони евра.
Овој втор ваков конкурс, по оној во 2023 година, има за цел е да го поддржи создавањето на паневропска платформа или мрежа на медиумски центри кои промовираат плурален медиумски амбиент и да им се овозможи на независните руски и белоруски новинари и медиуми да продолжат да објавуваат новинарски содржини и да ги дистрибуираат до својата публика без мешање од страна.
Право за учество на конкурсот, кој ќе трае до 14 март 2025 година, имаат властите, меѓународните организации, невладините организации и истражувачките центри.
Според проценките, само во текот на 2024 година околу 1.500 независни новинари од Русија и Белорусија побегнале или се преселиле во некоја од земјите членки на ЕУ.
Со новата најавена поддршка, Комисијата ги продолжува напорите ЕУ да биде главен центар за оние кои се стремат кон слобода на изразувањето и демократијата.
ЕК посочува дека поддршката за слободните, независни и плурални медиуми е од клучно значење и ќе биде дел од размислувањата за „Штитот на демократијата“, чија изработка ги најави претседателката Урсула фон дер Лајен при претставувањето на политичките насоки на Комисијата за периодот 2024-2029 година. сп/
Фото: МИА Архива