• петок, 22 ноември 2024

Екоактивисти поднесоа Иницијатива за оцена на уставноста и законитоста на одредбите 17 и 18 од Изборниот законик

Екоактивисти поднесоа Иницијатива за оцена на уставноста и законитоста на одредбите 17 и 18 од Изборниот законик

Скопје, 6 јуни 2024 (МИА) - Екоактивисти од шест граѓански организации и иницијативи денеска до Уставниот суд поднесоа Иницијатива за оцена на уставноста и законитоста на одредбите 17 и 18 од Изборниот законик кои се однесуваат на условите за поднесување независни листи за советници, градоначалници и пратеници. Активистите сметаат дека со овие два члена се прекршени четири членови од Уставот, како и дека по нивното донесување значително се влоши состојбата на независните листи и независните иницијативи зашто многу се подигна прагот за собрани потписи како услов за поднесување листа.

Според активистите, измените со овие два члена се направени во полза на политичките парти, а на штета на граѓанските зруженија и иницијативи и на нивното право да учествуват на изборите со што се нарушува демократскиот процес и демократичноста на државата.

Активистите се надеваат дека Уставниот суд ќе поведе постапка за укинување и поништување на членовите 17 и 18 од Изборниот законик.

- Од име на шест граѓански организации и иницијативи поднесовме Иницијатива за оцена на уставноста и законитоста на двата члена, 17 и 18, од Изборниот законик, кои ги заменија членовите 61 и 62. Овие измени беа направени во март годинава, непосредно пред изборите. Цениме дека со нив драматично се влоши состојбата на независните листи и независните иницијативи. Наместо досегашните бројки кои и без тоа беа доволно високи, се побара дури еден отсто од единицата на локалната самоуправа или изборната единица да бидат поднесени како услов за поднесување листа, било на локално или на државно ниво, изјави Лилјана Поповска од Зелен институт по поднесувањето на Иницијативата во Уставниот суд.

Со ова, нагласи Поповска, е направена сериозна дискриминација на граѓаните и на граѓанските иницијативи во нивното право да учествуваат на избори, а потоа и во власта на локално и централно ниво.

-Конкретно, мислиме дека се прекршени четири членови од Уставот, членот 9 за еднаквоста на секој граѓанин, членот 20 за слободата на здружување за остварување на нивните политички права и уверувања, членот 23 со кој на секој граѓанин му се дава еднакво право да учествува во вршење јавни функции и членот 110 со кој се штитат слободата и правата на граѓаните во однос на политичките здружувања и дејствувања и се забранува дискриминација, објасни Поповска.

Таа укажа дека за учество на парламентарните избори досега беа потребни 1 000 гласови од изборна единица, а сега ќе бидат потребни четири до пет пати повеќе, додека за локално ниво имаше градација од 100 до 1 000, а сега, конкретно за Скопје, се барат 4 700 гласови или половина колку што „тежи“ еден советник во градот.

-Излегува дека оние што не си ги познавал и гласале за тебе, треба да ги бараш да ти се потпишат, за да ти дозволи државата да поднесеш листа, што е тотална дискриминација. Инаку, во однос на партиите, зошто е дискриминирачки, затоа што партија може да е регистрирана со 1 000 потписи, па ако 1 000 потписи се доволни за партија да поднесе листи каде било и на кое било ниво, имаше логика за граѓанските здруженија и иницијативи исто така да е максимум 1 000. Но, сега тоа се поместува за четири до пет пати повеќе, посочи Поповска.

Костадин Ристоманов од Стига е! - Струмица смета дека партиите, наместо да го зголемат степенот на толеранција и демократичност, го враќаат назад.

-Времето темпирано пред изборите кажува дека ние како, независни листи, според нивните проценки, ќе сме имале можност да влијаеме на  нивните проекции и планови. Оттаму нивната едногласност за донесувањето на овој Закон. Ова покажува и дека ние имаме некаков рејтинг што народот го цени и најверојатно сме некаква закана штом набрзина се донесе таков Закон што сметаме дека не е уставно, рече Ристоманов.

И според Ѓорѓи Танушев од Стига е!, со измените се зголемуваат бариерите за влез на граѓанските активисти на локално или централно ниво, што е дискриминирачки и ќе го намали степенот на демократија во државата.

-Овде сме да направиме промена во функција на демократијата, да се тргне дискриминацијата која сега се става во институционална форма, зашто еден отсто од гласачкото тело е компаративно многу повеќе од она што порано беше фиксно во секоја изборна единица. И така беше висок бројот во однос на Европа и во соседството зашто таму се потребни најмногу неколку стотици. Апелираме на оние што ќе одлучуваат да се борат за принципот на правичност и недискриминација, а партиите да се разбудат и да ги исполнат ветувањата за демократичност, потенцира Танушев. мч/лв/

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан