Екипи на јавните претпријатија интервенираат за справување со последиците од обемните врнежи и силниот ветар што го зафати Охридскиот регион
- Екипи на општинските јавни претпријатија во Охрид постојано се на терен и активно интервенираат за надминување на последиците од обилните врнежи од дожд што деновиве го зафатија регионот.
Охрид, 21 ноември 2025 (МИА) - Екипи на општинските јавни претпријатија во Охрид постојано се на терен и активно интервенираат за надминување на последиците од обилните врнежи од дожд што деновиве го зафатија регионот.
Како што соопштија од Општина Охрид, се работи на неколку локации низ градот каде има поплавување на улици и јавни површини, предизвикани од излевање на водотеци и атмосферска канализација. Во одредени критични делови од градот водата достигна повисоко ниво од станбените и инфраструктурните објекти, така што се интервенира со пумпи за да се спречат штети врз објектите.

Покрај справувањето со поплавените површини, екипи на јавните претпријатија интервенираа и на неколку локации каде поради дождот и силни јужен ветар паднаа дрвја, блокирајќи делови на јавни површини.
Надлежните од Општина Охрид апелираат до граѓаните да се воздржат од движење низ ризични подрачја каде што има зголемено ниво на водата и да пријавуваат критични состојби кај соодветните служби.

Инаку, денеска група граѓани жители на улицата „Прилепска“ одржаа јавен собир од каде е упатено барање до општинските власти да преземат активности за уредување на сообраќајницата, што не е асфалтирана и во услови на пообемни врнежи станува непроодна и целосно нефункционална. Тие од собирот упатија ултиматум до Локална самоуправа дека доколку до вторник не им биде одговорано на барањата, во знак на протест ќе почнат со блокади на булеварот „Железничка“. аб/вј/
Фото: Општина Охрид