• четврток, 21 ноември 2024

Единственото село без жители во делчевско Косово Дабје, наскоро ќе добие своја монографија

Единственото село без жители во делчевско Косово Дабје, наскоро ќе добие своја монографија
Делчево, 17 април 2021 (МИА) - Единственото село без жители во Делчевско, селото Косово Дабје наскоро ќе добие своја монографија. Делчевецот Крум Николовски, кој потекнува од ова село вели дека досега ги собрал потребните податоци за една монографија, според кои дошол до сознание дека селото првпат било населено околу 1700-та година.
-Селото Косово Дабје е многу старо село, имам податоци кои велат дека овде првпат се доселила една фамилија од Прилепско од Мариово околу 1700 година. Човекот имал проблеми со власта, убил некој турски даночник и морал да избега од тогашниот Битолски Вилает, а во тоа време ова место припаѓало под Софиски Вилает и штом поминеш од еден во друг вилает не те бара никој, раскажува Николовски.
За време додека бил ученик, Николовски додава дека селото броело 27 куќи, со тоа што во секоја куќа имало по 10 жители.
-Значи селото броеше над 270 жители, сега до месец септември, имаше само еден жител и еве пред два месеца го најдоа овде во близина, односно најдоа делови од неговото тело, притоа не се знае дали умрел од природна смрт или беше изеден од животни, тоа не е познато. Сега во селото нема ниту еден постојан жител, додава Николовски.
Во селото има живот единствено летно време кога потомци или деца на родители кои потекнуваат од Косово Дабје се враќаат на имотите на своите претци. Порано, како што додава немало училиште заради што пешечел по 12 километри до Делчево.
-Пат до овде има, околу 1000 метри истиот е асфалтиран, додека има уште 2000 метри неасфалтиран пат. Има струја и вода има во секоја маала, која има свој локален водовод, но тоа не е доволно за современ начин за живеење. До Делчево има 6 километри и во другиот правец 6 вкупно 12 километри. Бидејки школо имаше до четврто одделение немаше деца, а и школо немаше, додека јас бев дете се учеше во куќа. Дневно до школото во Делчево јас поминував по 12 километри. Во Делчево завршив осмолетка и гимназија. Но младост се издржуваше, а се одеше на школо и во сабота, додава Николовски.
Во близина на селото поминувал некогашниот пат Делчево - Скопје, за што како што вели сведочат обележаните бетонски столбови кои се уште стојат покрај патот.
-Овој пат, а и сите други беше обележан со изделкан камен со впишана километража на секој километар, а на средината на секој километар имаше помал камен и го пишуваше бројот 5. Така, Ова мерење што се забележува на столбовите кои стојат е од Велес и веројатно во цела Македонија така било. Се уште тие столбови стојат. Тука значи поминувал патот за Штип преку местото Дервен, кое е тешко проодно кога има снег. Кога би се правел нов пат би поминувал по оваа траса, вели Николовски.
Додава дека потоа патот бил префрлен од другата страна, а со тоа и циркулацијата и животот на граѓаните замрел.
-Местото околу Косово Дабје потоа остана заборавено од сите, за разлика од претходно кога местото беше живо особено за одбележувањето на 1 Мај - Ден на трудот. Тогаш покрај патот секогаш се вршеше кречење со вар врз поголемите карпи, потоа дрвја се садеа, најмногу јаболки и сето тоа беше малку дотерано, значи 1 мај е и мора да се обележат поголемите и помазните карпи и мостовите, но тоа денес е се запустено. Патот помина од другата страна, од десната страна на Брегалница, гледано по течението и практично животот се пренесе од другата страна. Местото остана запустено по што полека жителите го напуштаат, раскажува Николовски.
Поранешниот жител на Косово Дабје веќе подолг период ја подготвува монографијата за селото која очекува до летото да биде издадена.
-Обезбедив доволно податоци за една моногрфија, која се надевам ќе излезе летово. Оние податоци што сум можел сум ги обезбедил, фотографии од сегашни и постари времиња. Инаку многу малку можат да се најдат податоци за селото во било кои книги, сосем малку имам најдено дека првпат во 1787 година се доселил човек од мариовскиот крај, додава делечвецот по потекло од селото без жители.
Се надева дека во блиска иднина повторно ќе заживее селото, ако не друго, како што вели потомците на овдешните луѓе имаат можност да изградат викендици, со што ќе уживаат во чистата природата без загаден воздух и каде има услови за развој на одгледување овоштарски култури.
Валери Спасевски

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан