• четврток, 21 ноември 2024

Египет повика на прекин на огнот во Газа и предупреди на ескалација во регионот

Египет повика на прекин на огнот во Газа и предупреди на ескалација во регионот

Каиро, 20 август 2024 (МИА) - Египет повика на прекин на огнот во Газа и предупреди на можноста за проширување на конфликтот во регионална војна. Изјавата ја даде египетскиот претседателот Абдел Фатах ал-Сиси по средбата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

- Прекинот на огнот во Газа мора да биде почеток на пошироко меѓународно признавање на палестинската држава и спроведување на решението за две држави, бидејќи тоа е основен гарант за стабилноста во регионот, изјави Сиси за време на нивната средба во Каиро.

- Дојде време да се стави крај на оваа војна и да се пристапи со мудрост, почитувајќи го јазикот на мирот и дипломатијата, додаде тој, нагласувајќи дека сите страни мора да бидат свесни за „опасноста од проширување на конфликтот на регионално ниво“.

Блинкен беше во египетската престолнина со цел да ги разгледа можностите за напредок во преговорите за прекин на огнот во Газа и договор за ослободување на затворениците, кои се планираат за подоцна оваа недела, иако остануваат значителни несогласувања.

Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им кажал на роднините на киднапираните во Газа дека не е „сигурен“ дали ќе има прекин на огнот, пренесува израелскиот портал Walla.

„Не сум сигурен дека ќе има договор, но ако има, тој ќе биде таков што ќе ги зачува стратешките интереси на Израел“, изјавил Нетанјаху на денешната средба со роднините на лицата кои палестинската групација Хамас ги киднапираше од Израел. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан