• сабота, 21 декември 2024

Египет повика на враќање на палестинската власт во Газа

Египет повика на враќање на палестинската власт во Газа

Каиро, 19 ноември 2024 (МИА) – Египетскиот министер за надворешни работи, Бадер Абделати, го повика следниот новоизбран претседател на САД Доналд Трамп, меѓу неговите приоритети да го стави завршувањето на конфликтите во Појасот Газа и Либан и ја истакна потребата за „брз план“ со ОН за да почне обновата на палестинската енклава.

Во интервју за „Нешнел“ (The National), дипломатот ветеран изјави дека палестинската власт треба да управува со Газа и го потврди ставот дека Каиро нема да толерира израелско присуство во коридорот Филаделфија.

- Се надеваме дека новата администрација ќе работи брзо за да стави крај на агресијата на Израел против Газа и Либан и да воведе нова фаза на мир и стабилност во регионот, рече Абделати.

- На Блискиот Исток му е потребна деескалација повеќе од кога и да е по една катастрофална година и се надеваме дека претседателот Трамп ќе го искористи своето влијание за да ја постигне таа многу потребна стабилност, додаде тој.

- Исклучително е важно да се почне со спроведување на брз план, со помош на Обединетите нации, за обнова на инфраструктурата во Газа. Ова мора да се совпадне со враќањето на палестинската управа во Газа за да ја преземе својата легитимна улога во управувањето со Појасот. Подготвени сме да и помогнеме на палестинската управа и да ја повикаме меѓународната заедница да го поддржи зајакнувањето на палестинската управа, додаде египетскиот прв дипломат.

Каиро беше меѓу најблиските сојузници на САД во изминатите педесет години, а египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси имаше добри односи со Трамп за време на неговиот прв мандат во Белата куќа. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан