Египет е подготвен да се придружи на меѓународните мировни сили во Појасот Газа
- Египет е подготвен да се придружи на секоја меѓународна сила што би можела да биде распоредена во Појасот Газа, објави денеска египетската дипломатија, откако нов предлог за прекин на огнот на палестинската територија беше доставен до движењето Хамас во Каиро.
Рафа, 18 август 2025 (МИА) - Египет е подготвен да се придружи на секоја меѓународна сила што би можела да биде распоредена во Појасот Газа, објави денеска египетската дипломатија, откако нов предлог за прекин на огнот на палестинската територија беше доставен до движењето Хамас во Каиро.
-Подготвени сме да придонесеме кон секоја меѓународна сила што би можела да биде распоредена во Појасот Газа, под услов таа да се базира на „резолуција на Советот за безбедност на ОН, јасен мандат и да е дел од политичка перспектива“, рече египетскиот министер за надворешни работи, Бадр Абделати.
Тој додаде дека без политичка перспектива, би било бесмислено да се распоредуваат сили.
Абделати ги даде овие забелешки за време на прес-конференцијата со палестинскиот премиер Мохамед Мустафа на граничниот премин Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.
Египет долго време повикува на палестинско единство под покровителство на Палестинската власт, која ја изгуби контролата врз Појасот Газа од исламистичкото движење Хамас во 2007 година.
Каиро е исто така „подготвен да придонесе во секој меѓународен напор за воспоставување палестинска држава“, додаде египетскиот министер.
Неименуван палестински функционер изјави дека денеска до Хамас е доставен нов предлог за прекин на огнот во Појасот Газа. мс/
фото: МИА архива