• сабота, 27 јули 2024

Европскиот ревизорски суд: 12 членки на ЕУ на доставиле релевантни податоци за директните странски инвестиции 

Европскиот ревизорски суд: 12 членки на ЕУ на доставиле релевантни податоци за директните странски инвестиции 

Брисел, 7 декември 2023 (МИА) - Дванаесет земји членки на ЕУ во периодот од 2020 до 2022 година не пријавиле релевантни податоци за приливи на директни странски инвестиции, се наведува во извештајот на Европскиот ревизорски суд за следење на тековите на директните странски инвестиции во Унијата. 

Во извештајот се потенцира дека овие 12 земји „ниту изработиле анализа, ниту известиле“ за случаи на директни странски инвестиции во посочениот период, иако според проценките на нив отпаѓа приближно 42 отсто од овој тип на капитал во Унијата. 

Според ревизорите, како што јави дописникот на МИА од Брисел, ваквата ситуација има значително влијание врз ефикасноста на режимот на директни странски инвестиции и ги ограничува вкупните податоци доставени до Комисијата. 

Регулативата на ЕУ со која земјите членки се обврзани за изработка на анализи за директни странски инвестиции стапи во сила пред три години, со цел да се има преглед на приливот на овој капитал, првенствено во секторите што се од стратешка важност за безбедноста и функционирањето на ЕУ. 

- Во реалноста не се оствари очекуваната корелација помеѓу големината на економиите, нивото на прилив на директни странски инвестиции и бројот на известувања, се наведува во документот. 

Раководителот на тимот што го подготви извештајот, Михаилс Козловс, посочи дека ревизорите бараат Европската комисија „да ги процени механизмите за анализа во земјите членки и дали тие ги исполнуваат минималните стандарди утврдени во Регулативата“. 

- Многу е важно земјите членки да имаат заедничко разбирање за тоа кои се ризиците и како да ги градат своите системи за подобро справување со нив, изјави Козловс. 

Според проценките на ЕУ, ризиците поврзани со директни странски инвестиции се особено големи во стратешката инфраструктура, како што се нуклеарните централи или пристаништа, потоа во критичните индустриски сектори, вклучително одбранбената индустрија или производството на полупроводници и интегрирани кола, но и поради можен трансфер на чувствителна технологија во трета земја. 

Во 2021 година во ЕУ се регистрирани околу 117 милиони евра директни странски инвестиции, што е претставува околу осум отсто од вкупните инвестиции од овој тип на глобално ниво. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан