• сабота, 15 јуни 2024

Евроамбасадорот Дејвид Гир во посета на Бигорски манастир

Евроамбасадорот Дејвид Гир во посета на Бигорски манастир

Дебар, 24 МАЈ 2024 (МИА) - Во посета на Свештената Бигорска Обител на Чесниот Претеча, вчера доцна попладне, беше амбасадорот на делегацијата на Европската Унија во нашата земја, Дејвид Гир, со свои соработници, информираа од Бигорскиот манастир.

-Ценетите гости имаа можност одблиску да се запознаат со нашата милениумска Светиња. Во духот на манастирското гостопримство, амбасадорот беше пречекан од нашиот старец и игумен, епископот г. Пратениј, кој го запозна гостинот со евангелската мисија на нашето братство. На средбата беше разговарано и за општата состојба на христијанството и за улогата на црквата во современото доба, додаваат од манастирот.

Високиот гостин, од своја страна му заблагодарил на владиката Партениј за неговата благотворна улога во општеството, посакувајќи му понатамошно благоуспевање во неговата пастирска дејност, а владиката му заблагодарил на амбасадорот за посетата и за покажаната почит.

Амбасадорот Гир и неговата придружба имале можност да ја посетат и Бигорската книгохранителница и да видат дел од раритетните книги, како и да го разгледаат книжниот фонд. вт/нд/

Фото: Бигорски манастир

Остани поврзан