• понеделник, 23 декември 2024

ДС останува на ставот за уставните измени да се бара реципроцитет од Бугарија

ДС останува на ставот за уставните измени да се бара реципроцитет од Бугарија

Скопје, 7 март 2023 (МИА) - Демократскиот сојуз останува на својот став во врска со уставните измени, односно за внесување на Бугарите во Уставот на земјата да се побара реципроцитет со признавање на правата на Македонците во Бугарија, изјави денеска пратеникот и претседател на партијата Павле Трајанов.

- Апсолутно не сум против Бугарите во Македонија. Бугарите во Македонија ги уживаат сите права, како и другите етнички заедници независно што не се вградени во Уставот, но тоа треба да се одвива врз основа на реципроцитет. Бугарија мора да подаде рака да го признае постоењето на македонскиот народ, нашиот автентичен македонски јазик и се разбира, да направи мал чекор да дозволи формирање на македонски културни друштва во Бугарија, рече Трајанов во одговор на новинарско прашање по презентацијата на Предлог закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција.

Според него, сега има шанса судот во Бугарија да го регистрира Културниот дом на Македонците „Никола Вапцаров“ во Благоевград, кое беше распуштено со одлука на локалната администрација.

- Тоа би била добра основа да се променат работите. Или, едноставно, претседателот на државата Радев да даде изјава дека ги признава Македонците како посебен народ, автентичен итн. Тоа би било промена, би настанал историски пресврт во односите помеѓу Бугарија и Македонија, смета Трајанов.

Според кого, доколку имало поголем консензус околу т.н. „францускиот предлог“одредени работи можеле да се сменат.

- Еве, меѓу другото, тоа го разговарав и со претставници на ЕУ, барав да стои како што е во преговарачката рамка за Албанија - македонскиот јазик да биде службен, официјален после приемот на Македонија во ЕУ. И за тоа не обезбедивме консензус. Сето ова што зборувавме таму дека стоело. Таму стои дека преводот на сите документи ќе се врши на македонски јазик, но со право Бугарија или Македонија да дадат посебна изјава. Така што и тоа не е решено. Не сакам сега да ја пролонгирам расправата околу тоа зошто не е вграден македонскиот јазик во преговарачката рамка. Затоа што некој барал таму да има двојазичност, а за тоа немало консензус во рамките на ЕУ, изјави Трајанов.  

Во однос на актуелната безбедносна состојба и вчерашното двојно убиство во Скопската чаршија, Трајанов смета дека ваквите настани се последица на организираниот криминал и МВР мора да ги расчисти. 

- Се она што се случува во Украина, рефлексиите на војната во Украина, процесите на Балканот, разговорите Косово-Србија, состојбите во БиХ , но и огромниот број најави околу подметнати бомби, сето тоа кажува дека состојбата не е сосема мирна и стабилна. Службите мора да бидат крајно внимателни. Се надевам дека набрзо ќе се расчистат вчерашните настани и дека тука ќе се вклучат сите служби, а не само условно, експертите за крвни деликти, бидејќи тука се работи за последица на организираниот криминал. Повеќе од јасно е дека овие групи имаат врски со партиите на власт и се чувствуваат слободни да дејствуваат, да се занимаваат со најтешкиот вид на криминал, нарко бизнисот и трговија на оружје и тоа да го прават без последици. Вакви случаи каде се користи автоматско оружје на јавно место во ресторани загрижува и тоа е одговорност на службата за безбедност да ги контролира овие процеси, да делуваат навремено, рече Трајанов. вг/сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан